22.07.2018

Младинците завршија на 12. место на ЕП

Нашата младинска репрезентација во изминатите девет дена зема учество на Европското првенство за кошаркари до 20 години (дивизија Б) и денеска го заврши настапот како 12. пласирана репрезентација. Избраниците на Никола Василев запишаа три победи (две во групна фаза, една во фаза за пласман).

Во рамки на првиот натпревар, одигран против Летонија, нашите младинци го отворија првенството со висок пораз од 79-39 (статистика, снимка). На вториот натпревар, одигран против Белгија, избраниците на Никола Василев прикажаа подобра игра на теренот, но сепак недоволна за победа. Белгија ни нанесе пораз од 65-76 (статистика, снимка).Првата победа ни дојде на четвртиот ден од ова натпреварување, кога нашите кошаркари ги совладаа врсниците од Азербејџан со 67-74 (статистика, снимка). Самодовербата остана висока, па младинците го совладаа и тимот на Белорусија со 84-77 (статистика, снимка).

Следеше разигрување за пласман од деветтото до шеснаесеттото место. За почеток против Албанија. Нашите младинци запишаа победа од 77-69 (статистика, снимка) што не турна кон борба за пласман од деветтото до дванаесеттото место. Во следниот натпревар, младинците загубија од Унгарија со 34-57 (статистика, снимка) што значеше пресметка за единаесеттото место на првенството и тоа против противник кој го совладавме неколку дена порано - Белорусија. Овој пат Белорусија беше поуспешна со 73-83. (статистика, снимка).

Минатата година, младинците го завршија настапот на 13. позиција.