Машката селекција на Македонија на играчи „Под 20“ години, која е на висински подготовки во Маврово, утре ќе учествува на 19. меморијален турнир „Другарите за Игор“ што ќе се одржи во Гостивар.
Турнирот е традиционален, а се организира во чест на поранешниот кошаркар на Гостивар, Игор Билески кој трагично го загуби својот живот, во сообраќајна несреќа во 2002 година. Поради корона пандемијата, лани изостана чествувањето, но годинава продолжува традицијата.
Селекцијата што ја предводи Тони Симиќ ќе настапи некомплетна бидејќи недостасуваат неколку важни кошаркари. И покрај тоа, ова ќе биде можност за првиот тест пред турнирот во Унгарија на кој репрезентацијата ќе се сретне со Швајцарија, Романија и Луксембург.
Годинава ќе учествуваат М16 и М18 екипите на КК Гостивар, М16 екипата на АВ Охрид и нашата младинска репрезентација која во јули ја очекува настап на ФИБА челинџер во Унгарија.
Кадетите на Гостивар и АВ Охрид ќе играат утре од 16 часот, а два часа подоцна, од 18 часот, се среќаваат јуниорите на Гостивар и младинската репрезентација.
Собраните средства од продажбата на билети ќе бидат донирани во хуманитарни цели.