Во женското кадетско финале, кошаркарките на Вардар беа доста подобар противник од МЗТ Скопје Аеродром, и повеќе од заслужено стигнаа до шампионскиот пехар.
Па така, по освојувањето на титулата во М18 лигата, младите кошаркарки на Вардар ја покажаа својата надмоќ и во кадетската конкуренција, односно и во М16 лигата.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – ВАРДАР 47:59
Одличен почеток имаа кадетките на Вардар. Во нешто повеќе од три минути направија серија од (11-0), и најавија атак на победничкиот трофеј во оваа М16 лига.
Првите поени од МЗТ Скопје, беа видени по повеќе од пет минути игра во првиот период од финалето. За тоа време противникот имаше уште повеќе реализации (13:2).

„Вишок“ од 11. поени (18:7) имаа „вардарки“ и на истекот на првите десет минути откако Начевска ја погоди својата втора тројка.
Без многу промени во играта на двете страни продолжи финалниот натпревар. Во вториот период девојките во „сино-бела“ комбинација се обидуваа, најчесто преку Сарафилоска и Карајованова (заедни 14.поени) да ја анулираат двоцифрената негатива. Но Вардар постојано имаше „одговор“ на сите тие обиди на противничката екипа. Прво следуваше одлична реакција од Начевска (четири поени по пред), потоа и од Трајковска, кои заедно со Пислевска (девет поени), ја задржаа високата предност, имаа 12 поени плус, (32:20).

Не попушти тимот на тренерот Јасмина Герасимовска-Николиќ ниту по големата пауза. Постојано одржуваа девојките на Вардар двоцифрена предност, која во 28.минута од финалето беше и 21.поен (49:28).
Двоецот Пислевска-Начевска искомбинира 26. реализации, на спротивната страна, капитенот на МЗТ Скопје, Димовска дојде до десет.
До крајот на третиот период, аеродромки, со поените на Карајованова (дојде до 12), направија мини серија од (7-0) и „поништија“ добар дел од големата негатива, (35:49). Ја продолжија, со уште четири (сега со помош на Сарафилоска) во првите три минути од четврттата четвртина, дојдоа до -10 (39:49).
Интересно, без кош од игра беше Вардар повеќе од пет минути од финалниот дел од финалето, МЗТ Скопје намали и на (42:50), потоа и на (44:51), пред да дојде тројката од Димитровска, за „помирни“ (54:44) на помалку од три минути до крајот на финалниот меч во сезоната.
Кај победникот, Начевска финишираше со 18.поени (и пет скока), Пислевска имаше ол-раунд издание, заокружено со реализација на 13.поени, 15.скоkа, 8.асистенциии и 4.освоени топки), а Димитровска дополни со уште 11 (и многу важна тројка вo финишот).
Во МЗТ Скопје, одлична игра на триото Сарафилоска, стрелец на 15.поени, Карајованова, која освен 12. поени имаше и 12.скока), исто толку и Димовска.
ФИНАЛЕН ТУРНИР М16 ЛИГА-ЖЕНИ
РЕЗУЛТАТИ
ПОЛУФИНАЛЕ
МЗТ Скопје – Тим Арена 68:58
Спорт тим – Вардар 29:69
ЗА ТРЕТО МЕСТО
Тим Арена – Спорт тим 59:27
ФИНАЛЕ
МЗТ Скопје Аеродром – Вардар 47:59