Екипата на Борец баскет од Велес ќе биде организаторот на завршниот турнир од младинската М12 лига во машка конкуренција.
Ова е епилогот од состанокот на кој требаше да биде одржано јавното наддавање за добивање на организацискиот дел од собирот на четирите најдобри екипи во најмладата возрасна категорија.
За предвидената лицитација, со свои уплати на планираниот износ се појавија три клуба. Освен Борец баскет, подготвени за наддавање беа и двете скопски екипи – учесници на завршниот турнир, Водно Санс и Феникс 2010.
Но во договор со клубовите учесници на „фајнал-форот“, одлучено е завршницата на ова натпреварување во младинските лиги да се одржи во Велес.
Согласно со претходно утврдениот календар, полуфиналните натпревари на кои ќе се сретнат Водно Санс – Борец, односно Феникс 2010 – МЗТ Скопје Аеродром, ќе се играат на 11. мај (сабота), во салата „Гемиџии“ во Велес
Наредниот ден, 12. мај (недела), на распоред се натпреварите за третото место, односно големото финале по кое ќе биде познат шампионот во оваа категорија од младинските лиги.
Организаторот на финалниот турнир во М12 лигата-мажи, дополнително ќе ги информира учесниците за сатнините во кои ќе се играат натпреварите.