24.03.2022

Имаат предност во однос на Навико Академија ФМП, Водно Санс и Вардар 2014...

МЛАДИНСКИ ЛИГИ: Феникс 2010 чекор пред другите во М16 лигата

Екипата на Феникс 2010 ја има првата позиција во М16 лигата пред продолжението на сезоната во кое, според системот за натпреваруавње, е определено да се одиграат уште седум кола од т.н. „Оролоџо“.

Со ефект од 12.победи и 2.порази, Феникс 2010 е прв на табелата, пред пратителите, како Навико Академија ФМП кој има скор (11-3), Водно Санс (10-4) и Вардар 2014 (9-5), екипи кои важат како најсериозни кандидати за место во самата завршница во оваа конкуренција.

Доста интересни се покажаа и натпреварите во трите второлигашки групи. А по одигрувањето на оној прв дел, понатаму продолжуваат екипите на Црн Дрим од Струга и Мега Баскет од Прилеп, како најдобар од групата „Запад“, Дино Баскет и Куманово од групата „Исток“, и Тетова Булс и Ангели од групата „Скопје“.

Екипите на Баскет КАМ и Еуро Никел 2005 како победници во бараж натпреварите, го заокружија списокот на осум екипи кои ќе играат „Оролоџо“ во оној второлигашки сегмент од ова младинско натпреварување.

Првопласираните четири екипи од втората „Оролоџо“ фаза, ќе се пласираат во плеј-офот. Односно ќе играат во осминафиналниот сегмент од натпреварувањето во кој ќе бидат вклучени екипите од 5. до 8. место во Првата лига.

Екипите кои ќе завршат на првите четири позиции во Првата лига обезбедуваат директен пласман во четвртфиналето од плеј-офот.