13.05.2024

Натпреварите ќе се играат на 18. и 19.мај, во спортската сала „Перо Наков“ во Куманово

МЛАДИНСКИ ЛИГИ: МКК Куманово ќе биде организатор на завршниот турнир во М14 лигата

Екипата на МКК Куманово ќе биде организаторот на завршниот турнир од младинската М14 лига во машка конкуренција.

Ова е епилогот од состанокот на кој беше одржано јавното наддавање за добивање на организацискиот дел од собирот на четирите најдобри екипи во најмладата возрасна категорија.

За предвидената лицитација, со свои уплати на планираниот износ се појавија три клуба. Освен  МКК Куманово, во наддавањето учествуваа и екипите на Водно Санс од Скопје, односно тетовски Љуботен, кои исто така, заедно со екипата на Вардар, се учесници на завршниот турнир.

Согласно со претходно утврдениот календар, полуфиналните натпревари на кои ќе се сретнат МКК Куманово-Вардар, односно Водно Санс – Љуботен, ќе се играат на 18. мај (сабота), во спортската сала „Перо Наков“ во Куманово.

Наредниот ден, 19. мај (недела), на распоред се натпреварите за третото место, односно големото финале по кое ќе биде познат шампионот во оваа категорија од младинските лиги, кој ќе добие и најголем дел од предвидената парична сума наменета за четирите најдобри екипи во М14 лигата, која ја предвиде Македонската кошаркарска федерација.  

Организаторот на финалниот турнир во М14 лигата-мажи, дополнително ќе ги информира учесниците за сатнините во кои ќе се играат натпреварите.