20.06.2021

Во финалето на завршниот турнир во М18 лигата, „баделки“ беа многу подобри од Струга 2009, до златото стигнаа со убедлив триумф од (64:37)

МЛАДИНСКИ ЛИГИ: Титулата во женската јуниорска лига за екипата на Бадел 1862!

Екипата на Бадел 1862 е шампион на Македонија во женска јуниорска конкуренција за сезоната 2020/2021.

Во финалето на М18 лигата, „баделки“ беа подобри од екипата на Струга 2009. Славеа со убедливи (64:37) и апсолутно заслужено стигнаа до златните одличја на „Фајнал-фор“ турнирот во Скопје.

Најавата дека се подготвени да ја освојат шампионската титула, девојките во „сино-жолта“ комбинација ја испратија уште во првото полувреме во кое противникот го оставија на само 17. дадени поени.

Од друга страна, избраничките на тренерот Анета Глигорова дадоа 28 во тие први 20.минути од финалето.

Во продолжението, на почетокот на третиод дел од играта, се играше малку порамноправно. Стружанки се обидуваа негативата да ја симнат на едноцифрена. На средина од третата четвртина Бадел 1862 поведе и со (38:22). Не се задоволија со тоа, ја продолжија серијата со која дојдоа до највисоките (50:22). И иако до крајот имаше да се игра уште една четвртина, беше јасно дека Бадел 1862 ќе стигне до шампионскиот пехар.

Нешто порано, во натпреварот за третото место на турнирот во оваа возрасна категорија, кошаркарките на Крива Паланка убедливо го победија скопски Шкупи со (88:48) и се закитија со бронзените медали на завршниот турнир од М18, или јуниорската лига за сезоната 2020/2021.

Најкорисен играч (MVP) е Марија Николов од Бадел 1862. 

ФИНАЛЕН ТУРНИР - М18 ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ

ПОЛУФИНАЛЕ

Шкупи – Струга 2009       35:47

Крива Паланка – Бадел 1862   44:54

ЗА ТРЕТО МЕСТО

Шкупи – Крива Паланка 48:88

ФИНАЛЕ

Струга 2009 – Бадел 1862         37:64