Екипата на Бадел 1862 е освојувач на третото место на завршниот турнир од М18 лигата во женска конкуренција кој овој викенд се одржува во Делчево. Во „малото финале“, „баделки“ беа поуспешни од кавадаречки Пробаскет.
ПРОБАСКЕТ – БАДЕЛ 1862 55:72
Имаа младите кошаркарки на Бадел 1862 постојана предност. Уште од самиот почеток најавија дека се подготвени да стигнат до бронзените одличја.
Во почетната четвртина се стекнаа со водство од (18:15), кое до големиот одмор го зголемија на (38:29).
Но по паузата од 15.минути, екипата од Кавадарци успеа во напорите да се доближи, и да се избори за неизвесни последни десет минути. Во третиот период од играта, Пробаскет анулира најголем дел од негативата. Го доби тој дел од играта со (15:8), за минимална предност на Бадел 1862, (46:44).
Но се чини дека тоа беше се кавадарчанки, кои едноставно не го издржаа тоа темпо.
Или подобро кажано, девојките во „сино-жолта“ комбинација одиграа најдобро, кога за тоа беше најпотребно. Реализираа дури 26.поени во последната четвртина со кои го потврдија пласманот на третото место во оваа конкуренција.

Стојковска реализираше 18.поени за Бадел 1862, два помалку имаше Милосављевиќ, која освен тоа собра и 16.топки под двата коша. Димковска реализираше 15, а Алексовска придонесе со уште 12.поени во победата.
На другата страна од теренот, исто така четири кошаркарки со двоцифрен број на поени. Најмногу 13, даде Богојевска, Ѓорѓиева имаше 12, Димитријова 11, а Мегленкова уште 10.поени.
Од 19.часот, на распоредот е и финалниот натпревар во М18 лигата во кој ќе се сретнат екипите на Патриот 2016 и на Вардар.
М18 ЛИГА-ЖЕНИ – ФИНАЛЕН ТУРНИР - ДЕЛЧЕВО
РЕЗУЛТАТИ
ПОЛУФИНАЛЕ
Вардар – Пробаскет 104:51
Патриот 2016 – Бадел 1862 72:61
ЗА ТРЕТО МЕСТО
Пробаскет – Бадел 1862 55:72
ФИНАЛЕ
19.00: Вардар – Патриот 2016