08.06.2022

Во Крива Паланка, утре вечер (19.30 часот), ќе го добиеме и најдобриот состав во М14 лигата во женска конкуренција.

МЛАДИНСКИ ЛИГИ: Вардар и Бадел 1862 во битка за златните медали

ФОТО: „Баделки“ обезбедија висока позитива во првото полувреме и го победија домаќинот на турнирот

За место на завршниот турнир кој стартуваше денеска во салата „Бранители“ во Крива Паланка, претходно се изборија екипите на Бадел 1862, Вардар, Струга 2009 и домаќинот на собирот, екипата на Крива Паланка.

Во првото полуфинале се сретнаа екипите на Вардар и на Струга 2009. А со доминантна игра, младите „вардарки“ рано се стекнаа со убедливо водство, кое го претворија во убедлива победа (58:33).

ВАРДАР – СТРУГА 2009   58:33

ФОТО: Вардар беше убедлив во првото полуфинале против Струга 2009

Четири кошаркари во екипата која ја предводи Славица Димова, имаа двоцогрен број на поени. Пислевска реализираше 16.поени, Ферати имаше 14, Мариновска додаде 13, а Трајковска уште десет во екипата која обезбеди финале.

Кај стружанки, најефикасна кошаркарка, со 14. поени, беше Муртезаи.

*Нешто подоцна на теренот во салата „Бранители“ во Крива Паланка, се појавија и екипите на Бадел 1862 и на Крива Паланка.  

БАДЕЛ 1862 - КРИВА ПАЛАНКА    59:50

Екипата од Скопје, имаше навистина одлично прво полувреме во кое стигнаа до убедливо водство. По 20.минути игра, имаа (34:20). По заслуга на одличната Деа Алексова, која реализираше 22.поени, односно два повеќе во однос на комплетната екипа на Крива Паланка. 

Во продолжението на вториот полуфинален меч на турнирот, домашните кошаркарки анулираа добар дел од двоцифрената негатива. беа на минус од седум поени (29:36) во средината на третата четвртина. А на почетокот на последната, екипата на Крива Паланка заостануваше само еден поен (43:44).

Но Бадел 1862 ја имаше Алексова, која го одби тој атак на девојчињата од Крива Паланка. Самата му донесе на својот тим предност од (54:47) на три минути пред крајот на второто полуфинале (реализираше неверојатни 42.поени!!!). И „помогнаа“ и домашните кошаркарки, ои во моменти на одлука, не реализираа голем број на слободни фрлања, а Димитријевиќ постави недостижни (56:50) на половина минута до крајот. 

Бадел 1862 е во финалето, утре од 19.30 часот, ги чека мечот за шампионскиот пехар против уште една екипа од Скопје - Вардар.

Во „малото финале“, од 17.часот Крива Паланка ќе игра со Струга 2009. 

ЗАВРШЕН ТУРНИР-М14 ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ И РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

ПОЛУФИНАЛЕ

Вардар – Струга 2009     58:33

Бадел 1862 – Крива Паланка   59:50

ЗА ПЛАСМАН – 9.ЈУНИ (ЧЕТВРТОК): 

17.00: Струга 2009 - Крива Паланка

19.30: Вардар - Бадел 1862