Според распоредот на табелата по седум одиграни кола во домашното првенство во женската конкуренција дамите од МНА Кожувчанка ја имаа (не)среќата да им се падне актуелниот шампион на Македонија, Бадел 1862.
Во изминатите три години, ’баделки’ се неприкосновени на врвот во разигрувањата од Купот, а десеткуваниот состав на Снежана Николовска е првата препрека која ќе мораат да ја минат шампионките за чекор поблиску до четврта круна од националнио Куп.
„Нас ни се падна таа среќа да го отвориме полуфиналето и тоа против ланскиот шампион. Сигурно нема да ни биде лесно, но досега натпреварите од Купот покажале дека не секогаш фаворитот победува. Кошаркарките на Бадел играат брза кошарка, но наша предност е тоа што тие останаа без искусните засилувања од странство во зимскиот период.Остаавме и ние без Митрашиновиќ и без Трајчевска, но ќе се обидеме да одиграме што подобро и да се надеваме дека на крајот резулатот ќе биде во наша корист“ – вели Снежана Николовска, која им дели совети на кошаркарките на МНА Кожувчанка покрај аут-линијата.
Додека кошаркарки заминаа од Бадел и од Кожувчанка, две искусни засилувања доби Вардар. Мотивацијата е зголемена, а Едина Муса, капитенот на клубот од „Кале“ вели дека таа и нејзините соиграчи се подготвени да го подигнат трофејот од Купот.
„Со одработувањето на финалните подготовки за Куп турнирот на Македонија можам да кажам дека се чувствувам доста самоуверено и позитивно. Целокупниот тим на Вардар, како играчите така и тренерите, вложивме многу напор и труд со цел да се претставиме во најдобро светло. Неодамна нашиот тим се засили со уште две странски кошаркарки, Ешли Ватс и Делиса Шарп. Сето тоа само ни ја зголеми мотивацијата како и очекувањата за оваа сезона. Полуфиналниот натпревар го играме со Пелистер и моментално целиот наш фокус е насочен кон тој натпревар. Со оглед на претходната средба на гостински терен на која извојувавме победа, очекувањата секако ни се да го пројдеме полуфиналниот меч и да се пласираме во финалето каде што фаворит е тимот на Бадел. На овој Куп турнир одиме со цел да го освоиме. И за себе и за мојот тим можам да кажам дека максимално ќе се вложиме за да ја оствариме таа цел“ – истакна Муса.
Првата полуфинална пресметка во женска конкуренција е на распоредот за денес (18. февруари) со почеток во 13:00 часот додека вториот термин е 15:30 часот.
Во двата вечерни термини ќе се пресметаат Карпош соколи и Работнички односно Фени индустри и МЗТ Скопје Аеродром.