08.03.2017

Четврта генерација за напреден спортски менаџмент во организација на МОК

МОК организира висока обука за напреден спортски менаџмент

Македонскиот олимписки комитет (МОК) во соработка со НСФ, високо образовните институции, централната и локалната власт како и во соработка со другите спортски институции и организации во Република Македонија, ја започнува процедурата за започнување на едукацијата на четвртата генерација на кандидати-учесници на Високата обука за напреден спортски менаџмент на ОСО во Република Македонија.
Во соработка со Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), МОК ќе ја започне четвртата Олимписката обука за напреден спортски менаџмент. Станува збор за многу обемна едукативна спортска програма која претставува квалитетна теоретско-практична платформа за унапредување на работата на заинтересираните страни како што се спортистите, тренерите, судиите, спортските клубови, НСФ, медиумите, централната и локалната власт и тн. Наведениот едукативен програм е од основната област на напреден спортски менаџмент и е со траење од 6 модули (месеци) во 2017 година година (6 модули, од 2 до 3 работни дена за секој модул). Програмата на курсот во потполност е диктирана од страна на ИОК, а е осмислена во соработка со повеќе од 150 светски признати научници и експерти од спортскиот менаџмент и опфаќа учење за клучните компетенции кои се неопходни за успешно раководење со ОСО преку следните модули:

- Вовед во Олимписка обука за напреден спортски менаџмент;
1. Уредување и организација на ОСО;
2. Стратешко управување на ОСО;
3. Управување со човечки ресурси на ОСО;
4. Управување со финансии на ОСО;
5. Спортски маркетинг на ОСО; и
6. Организирање на спортски настани.

Олимписката обука за напреден спортски менаџмент е наменета исклучиво за врвниот менаџмент во ОСО. МОК испрати покана до сите заинтересирани страни да предложат свој кандидат/и кој мора да ги задоволи следните услови:
- Да е претставник на највисокиот менаџмент на спортската институција, по можност претседател, генерален секретар, раководител во институцијата/организацијата и/или слично (доказ: допис од НСФ или од институцијата која го предлага);
- Да поседува одлично познавање на англиски јазик (доказ: диплома);
- Да има искуство и резултати во работата во својата спортска институција (кратка биографија на кандидатот).

Надлежното тело во МОК, по добивањето на сите доставени апликации ќе направи селекција и ќе избере 20-25 кандидати кои ќе учествуваат на оваа обука. Тие ќе мора да бидат 100% присутни на сите предавања бидејќи според правилата на ИОК, отсуство од еден ден од некој од наведените модули, без разлика на причината, ќе значи крај за кандидатот и неможност да ја заврши обуката. По секој завршен модул (предавање), кандидатот мора да изработи, на англиски јазик, труд (презентација во “power point” и во “word”) во врска со секој од горенаведените модули. Важно е да се напомене дека кандидатите кои успешно ќе ја завршат едукацијата ќе добијат валидна диплома од ИОК, сертификат кој претставува престижна препорака за работа во спортската администрација на ОСО во Македонија и ширум целиот свет. Во исто време, информираме дека НСФ може да ги предложат и претставниците на спортските клубови кои би изразиле желба да бидат дел од оваа Висока обука за напреден спортски менаџмент.

Сите заинтересирани страни кои сакаат да предложат свој кандидат ќе треба да го направат тоа најдоцна до 15. Март на е-маил: mok@mok.org.mk и со тоа дека ќе ја препознаат вредноста на овој значаен проект кој ќе помогне во развојот и унапредување на работата на сите заинтересирани страни за унапредување на работата на спортската администрација во Република Македонија. Македонскиот олимписки комитет станува на располагање за какви и да се дополнителни информации.