28.07.2023

Селекторот Александар Јончевски говори за текот на подготовките, односно оној воведен дел од планираните активности.

„Момците имаат мотиви и желба за докажување дека една мала нација може да направи голем резултат“ (ВИДЕО)

Предводникот на нашиот сениорски национален тим вели дека ова е фаза во која не може да се прават анализи на селекциите кои се нашите ривали на турнирот во Талин:

„Многу е рано за некоја анализа на противниците. Пред се, затоа што оваа недела излегоа ростерите на другите репрезентации. Во договор со стручниот штаб, ќе седнеме и ќе ги анализираме и индивидуалните карактеристики на другите репрезентации.

Можам да забележам дека ниту една репрезентација не е во најсилниот состав, како и ние. И затоа не би рекол дека изненадувања се невозможни. Без разлика на тоа што подобро котираат од нас на ФИБА ранкингот.

Верувам дека со една добра борбеност, со мотивација во тој одреден момент ќе бидат пресуден фактор за понатамошниот тек на настаните, односно продолжување на турнирот во втората фаза“.

Македонската репрезентативна кошарка, пред доста години, беше во една слична ситуација. Односно нашиот сениорски национален тим да може да надева, да биде во можност да размислува и за настап на Олимписките игри.

„Ова е една исклучително ретка можност каде што можеме да се најдеме во група со квалитетни репрезентации и понатаму. Бевме во таква ситуација во 2012 година во Венецуела, каде за влакно ни побегна еден настап на Олимпијада. Секако во тоа време, тоа слободно можам да го кажам, Македонија беше една поквалитетна репрезентација, со 4. место на Европското првенство во Литванија во 2011 година.  

Меѓутоа, нема да ги потценам овие момци кои имаат желба, кои имаат мотив за да се претстават себеси и државата во најдобро светло. И да докажат дека една помала репрезентација, помала нација, може да се најде на еден таков голем собир“ – смета Јончевски.