05.12.2019

МОМЕНТ ЗА ПАМЕТЕЊЕ КАЈ РЕПРЕЗЕНТАТИВНОТО КРИЛО: Мекиќ е седмиот во историјата со трипл-дабл ефект

Екипата на Пелистер славеше против МЗТ Скопје УНИ Банка (86:77) во последниот меч од 8. првенствено коло. А освен двата бода за екипата од Битола, ќе остане и во сеќавањата на еден од актерите на дуелот во СЦ „Јане Сандански“.

Поточно, кај репрезентативецот од редовите на Пелистер, Адем Мекиќ, кој оваа средба ја заврши со троен ефект во три различни статистички параметри.

Имаше двоцифрен ефект во графата на поени, скокови и асистенции.

Високото крило на „зелено-белите“ реализираше 21.поен (1/1 во шутот за три и 9/15 за два поени). Имаше и 12. скока од нив четири офанзивни, 11. успешни додавања и три загубени топки за само 23:30 минути поминати во игра.

Или 35 индексни поени зад своето презиме.

„Искрено, не знаев за тој податок. Дознав подоцна, по завршувањето на натпреварот... Секако, задоволен сум, драго ми е поради тоа, пред се поради тоа што победивме, што е главната работа, ова другото е во втор план. Индивидуалната статистика, тоа е производ на играта, на колективниот пристап кој го имаме на секој натпревар. Требаше да притиснеме за да го добиеме овој меч против младиот тим на МЗТ. Со оваа победа полека фаќаме приклучок кон средината на табелата и местата кои водат во Суперлигата“- вели некогашниот играч на клубот од Аеродром.


Со ова постигнување, Мекиќ стана седмиот кошаркар во историјата на самостојната кошарка во нашата земја.

Со трипл-дабл ефекти во својата кариера може да се пофалат само уште Горан Самарџиев, Тони Симиќ, Димитар Караџовски, Горан Главчев, Никола Караколев и Предраг Самарџиски.