03.06.2025

Во двете натпреварувања има по десет пехари, подвиг кој не му успеал на ниеден македонски кошаркар во историјата.

МОМЕНТИ ЗА ИСТОРИЈА: Никој како Дамјан Стојановски!

МЗТ Скопје Аеродром ја освои својата 12. шампионска титула, и ја продолжи доминацијата во македонската кошарка.

Успеаја во настојувањата аеродромци да го потврдат несомнениот квалитет и да го преточат во уште еден пехар, наменет за најдобрите во македонската кошарка.

Паралелно со тоа, популарните „металци“ испишаа уште една страница од историската читанка во која свое посебно место има нивниот предводник на теренот – Дамјан Стојановски.  

Капитенот на МЗТ Скопје одамна е легенда на македонската кошарка, но со секоја нова сезона поставува стандарди кои тешко дека некој ќе успее да ги достигне во блиска иднина.

Ја освои десеттата шампионска титула во македонското првенство и стана прв играч со двоцифрен број трофеи во шампионатот и во Купот на Македонија.

Во двете натпреварувања има по 10 пехари, подвиг кој не му успеал на ниеден македонски кошаркар во историјата.

За разлика од првенството, каде сите титули ги освои со МЗТ Скопје, во Купот на Македонија има по еден трофеј (со Вардар и Амак СП), додека останатите осум се со тимот од Аеродром.

*Сите титули ги освои со еден клуб - МЗТ Скопје со кого учествуваше во 10 од вкупно 12 трофеи во постоењето на колективот од Аеродром;

* Дамјан е единствен кој освојуваше трофеи со двајцата браќа во тимот од Аеродром;

*Неговиот брат-близнак, Војдан Стојановски освои една титула со Фени Индустри, а оваа му е четвртта како играч на МЗТ Скопје;

*Постариот брат Огнен ги подели шампионските трофеи со Работнички (5), Фени Индустри (2) и МЗТ Скопје (3);  

*Ако се земат предвид и пехарите од Купот на Македонија, бројката на трофеи во семејството Стојановски ќе се искачи до 48;

*Последните три сезони, тимот од Аеродром ги прибра сите можни трофеи во земјава. Лани ги освои сите три пехари, исто како и оваа сезона во која доживеа само еден пораз во плејофот;

*Васко Атанасов си го најде свое место во историјата на клубот од Аеродром е единствен со три освоени шампионски титули како тренер на МЗТ Скопје;

*Досега го делеше првото место, заедно со словенечкиот стручњак Алеш Пипан кој триумфираше во 2013 и 2015 година;  

*Останатите трофеи на МЗТ Скопје ги освоија: Александар Тодоров, Зоран Мартич, Александар Јончевски, Анте Назор, Ѓорѓи Кочов, Дарко Радуловиќ и Александар Петровиќ.