05.06.2023

Капитенот на екипата од Аеродром ја освои осмата шампионска титула во својата кариера

МОМЕНТИ ЗА ИСТОРИЈАТА: Дамјан Стојановски има „осум од десет“ со МЗТ Скопје

Завршувањето на серијата од финалето на плеј-офот, со себе донесе и неколку доста интересни факти, кои дефинитивно, ќе влезат во „историската читанка“. Поврзани се со индивидуалните постигнувања на дел од актерите на оваа финална серија, особено во победничката екипа...

*Актуелниот предводник, во улога на капитен на МЗТ Скопје Аеродром, Дамјан Стојановски го освои осмиот шампионски пехар во својата кариера...

*Со осмиот трофеј, Дамјан се израмни на шестото место на листата на најтрофејни кошаркари во историјата на македонското првенство заедно со Тони Симиќ...

* Војдан Стојановски го освои третиот шампионски трофеј, но мора да се земе в предвид дека долги години не играше во домашниот шампионат.

*Ова е втора МВП награда за македонскиот репрезентативец во домашното првенство. Првата, Војдан Стојановски ја доби во 2011, како играч на тогашниот Фени Инудстри во финалето го победи Работнички со (4-1).

*Семејството Стојановски (Огнен, Дамјан и Војдан) сега има вкупно 21 шампионски трофеј од македонското првенство...

*Горан Веселиновски, долгогодишниот капитен на Работнички, останува прв на листата на играчи со најмногу освоени титули државен првак со еден клуб во кариерата. Има девет, односно еден повеќе од Дамјан Стојановски. Сите освоени во периодот од 1998 до 2009 година...

*Со петиот шампионски трофеј, Бојан Крстевски се качи неколку места на табелата на најуспешни во македонското првенство. Се израмни со легендарните играчи како Ѓорѓе Војновиќ, Емил Рајковиќ, Тодор Гечевски...

*Васко Атанасов е најмладиот тренер во историјата на македонското првенство кој освоил шампионска титула. Струмичанецот дојде до титулата со 29 години и два месеци. Или нешто повеќе од половина година го собори досегашниот рекорд што го држеше Емил Рајковиќ (29 години и 9 месеци) кој во 2008 година триумфираше со тогашниот Фени Индустри...

*МЗТ Скопје е втор клуб во историјата на македонското првенство со двоцифрен број шампионски титули. Го освоија десеттиот трофеј и се доближија до својот најголем ривал, Работнички кој во досегашните 30 сезони (во 2020 година не беше прогласен шампион поради корона пандемијата) стигна до 15 титули...

*Ниту во вториот (по ред ) обид, кошаркарите на Пелистер не успеаа да ја освојат својата прва шампионска титула во историјата. По втор пат МЗТ Скопје бепе подобар од „пелистерци“, овојпат без загубен поен во серијата...