28.06.2018

Мораме подобро да се подготвиме за тоа што следи

Нашата а-селекција истапи еден чекор понапред во мисијата враќање на континенталните собири на Стариот континент. Патот е долг, но селекторот Јорданчо Давитков заедно со членовите на својот стручен штаб и избраниците на теренот полека го трасираат.

Македонија го запиша првиот пораз во рамки на првата рунда од претквалификациите за Евробаскет 2021, против Швајцарија, но и покрај тоа остана како првопласирана во групата и обезбеди пласман во втората рунда од претквалификациите, закажана за претстојниот септември.

ИЗЈАВИ ПО НАТПРЕВАРОТ:
Јорданчо Давитков, селектор
Им ја честитам победата на кошаркарите на Швајцарија кои одиграа одличен натпревар. Имавме нови играчи во нашиот ростер, па и играта ни беше поинаква, тимот беше поинаков и имавме потешкотии. Не игравме воопшто во првиот период и ни беше многу важно да се вратиме во игра. Напреднавме во втората рунда, но мораме да се подготвиме подобро за она што ни претстои. Таква е кошарката денес, имавме речиси 40 дена вон тренажен процес, па ни беше тешко да се воиграме како тим.

Бојан Трајковски
Честитки до тимот на Швајцарија. Направивме многу грешки, но имавме добри резултати досега во претквалификациите особено минатата година. Најважно е што се вративме по првиот период. Имаме три-четири месеци за работа пред следната фаза и за да ни се вратат играчи кои беа повредени и отсуствуваа денес.