Третиот телекомуникациски оператор на територијата на Македонија, МТЕЛ, од денеска и официјално станува генерален спонзор на Првата лига мажи или со новиот назив – МТЕЛ Прва машка кошаркарска лига.
Со обостран интерес за вложување во развој и поддршка на националниот спорт, а со цел постигнување врвни резултати, МТЕЛ и Кошаркарската Федерација склучија договор за спонзорство за претстојната натпреварувачка сезона 2024/2025.
„Среќни сме што добиваме поддршка од партнер кој ги познава вистинските вредности и безрезервно ги поддржува. Пред нас ќе има уште една исклучително интересна сезона, а верувам дека поддршката од МТЕЛ ќе им даде дополнителен ветер во грб на клубовите да дадат сè од себе во новата сезона и со што подобри услови да придонесат за повозбудливи натпревари. Благодарност огромна до нашите пријатели во МТЕЛ кои ја препознаа мотивацијата на раководството на КФСМ и заедно со желба за нови победи и континуиран развој одлучија да застанат покрај нас во оваа битка.“ - истакна Претседателот на КФСМ, Перо Антиќ непосредно по потпишување на договорот.
Следејќи ги светските вредности за општествена одговорност, како и корпоративниот код на Телеком Србија групацијата, МТЕЛ во рамки на своите активности продолжува и во иднина да биде поддршка за различни хуманитарни и спортски настани.
„Среќни сме и почестени што станавме генерален спонзор на најдоброто натпреварување во македонската кошарка кое отсега ќе се именува како МТЕЛ Прва машка лига. Како компанија, сме длабоко посветени да соработуваме со спортските федерации и клубови за да ги поттикнуваме заедничките вредности и да промовираме активна, здрава заедница која ги инспирира младите луѓе. Уверени сме дека нашата поддршка ќе придонесе за возбудлива и успешна сезона, каде и клубовите и навивачите ќе уживаат во извонредни спортски достигнувања,“ вели генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ.