03.10.2025

Претставување на клубовите-учесници во најквалитетното натпреварување

МТЕЛ СУПЕР ЛИГА - НАТПРЕВАРУВАЧКА СЕЗОНА 2025/2026 - РАБОТНИЧКИ – СКОПЈЕ

Мирковски добива шанса

Комплетна промена во стручниот штаб доживеаја „црвено-белите“ во изминатиот период. Особено на водечките тренерски позиции. За нов шеф на стручниот тим е именуван Владимир Мирковски, кому во иднина ќе му помага Сашо Тодоровски, но и оние, условно кажано, „староседелци“, Душко Јаковчевски и Нермин Пепиќ.

Репрезентативците ќе ја имаат главната улога

Ростерот на Работнички е исполнет со неколку репрезентативни имиња, како Стојан Ѓуроски, Дамјан Робев, Виктор Ефремоски, неколку странски имиња, но и некои од оние условно земено, помлади, кои се во конкуренција за сезоната коај следува.

Реално првата тројка треба да го „влече“ овој Работнички и во оваа сезона во која стручниот штаб ќе бара доста и од странците.

Бековска линија

За организацијата на играта оваа сезона треба да се (по) грижат Филип Наков, Борјан Стојановски од домашните, како и Брет Томпсон од ново ангажираните кошаркари. Иако играат на „повисока“ позиција, на диспозиција ќе бидат и Дамјан Робев и Виктор Ефремовски. а својата шанса ќе ја чека Бојан Стојановски.

Внатрешна линија

Со оглед на недостигот на домашни играчи на високите позиции од „Градски парк“ одлучија дека е потребно да се најде решение „од надвор“. А изборот на стручниот штаб падна на Џејкоб Хадсон, како вистинска „петка“, и Џордан ОНил кој игра на позицијата на крилен центар.

Како и досега на позицијата „четири“ ќе дополнува и еден од најискусните во тимот, Стојан Ѓуроски. Свои минути ќе чекаат Максим Трајковиќ, Марко Димовски и Бранислав Давитковски.

Нови лица на паркетот

Практично изнудено решение се промените во играчкиот состав на екипата која има највеќе шампионски титули во нашата земја.

Во текот на летниот период, во „Градски парк“ дојдоа Џејкоб Хадсон, Џордан Онил, Брет Томпсон, но и Филип Наков, Борјан Стојановски, кои заедно со репрезентативната тројка Ѓуроски-Ефремовски-Робев ќе имаат доста работа да го вратат Работнички на водечките позиции во шампионатот.

Подготвени за новата сезона

Со оглед на проблемите, кои не се нови, и не се „од вчера“, се појавуваат доста знаци на непознато кога станува збор за формата со која Работнички влегува во новата натпреварувачка сезона.  На сето тоа, согласно со големиот број на промени, како во стручниот, така и во оној играчки дел, јасни се и секогаш високите амбиции на „црвено-белите“. Јасно е дека првата „слика“ на можностите ќе дојде по одигрувањето на првите мечеви