25.10.2025

Во третиот суперлигашки круг, двајца играчи со ист број на индексни поени

„МТЕЛ“ СУПЕР ЛИГА МАЖИ - ПЕТОРКА НА КОЛОТО – 3: Луковиќ 34, Хатсон 34…

За прв пат, по три одиграни кола од МТЕЛ Супер лигата, двајца играчи од различни екипи, дојдоа до идентичен број на индексни поени, според кои и се формираат идеалните петорки на соодветното првенствено коло.

Урош Луковиќ од МКК Куманово и Џејкоб Хатсон од екипата на Работнички, забележаа по индекс 34, со забелешка која вели дека високиот центар на кумановци го оствари тоа со доста помал број на минути поминати на теренот. 

УРОШ ЛУКОВИЌ (МКК КУМАНОВО)

Никако не може да се замисли играта на МКК Куманово ако во ростерот го нема Урош Луковиќ. Тоа беше „докажано“ и на средбата со Феникс 2010, кога просто кажано ги искористи сите свои предности, против и не така високата постава на противникот.

Остана на теренот, би се рекло, „стандардни“ 25. минути, и притоа забележа нов двоен скор. односно 22.поени (10/13 во обидите за два и 2/3 во оние за еден поен), со дополнителни 18. скока (седум од нив офанзивни). Плус и една бллокада, но и четири загубени топки за најголем број на индексни поени во третиот круг од „МТЕЛ“ Супер лигата – 34.

ЏЕЈКОБ ХАТСОН (РАБОТНИЧКИ)

Еден од носителите на играта и најзаслужните за првата победа на „црвено-белите“ во новата сезона. Беше еден од тројцата играчи со најголем број на минути. Одигра повеќе од 32.минути, во кои дојде до скор од 22.поени (3/5 за три поени, 6/7 во обидите за два поени, и 1/2за еден поен). Освен тоа имаше и осум скока, четири освоени топки, една асистенција и идентичен индекс – 34 како и Луковиќ, со забелешка дека до него дојде со нешто поголем број на минути поминати на теренот.

ЛЕНГСТОН ВИЛСОН (ПЕЛИСТЕР)

Беше еден од оние играчи на Пелистер кои помогнаа екипата да се „врати назад“ во натпреварот со Маџари. Во третиот период отвори серија со која битолчани ја анулираа двоцифрената негатива.

На крајот, запиша 31:45 минути на теренот. Време во кое дојде до двоен скор кај поените 17 (7/12 во шутот за два поени и 3/6 од линијата за слободни фрлања), и во скоковите – вкупно 14 (четири офанзивни), дополнети со две додавања и една освоена топка, сето тоа доволно за индекс – 27.

КРИСТОФЕР ДИС (ТИКВЕШ ГОЛДЕН ИГЛ)

Уште една добра игра, но без успешна завршница и за него и за екипата за која настапува оваа сезона. На средбата во „Кале“ остана повеќе од 32.минути на паркетот, и дојде од ефект од 21.поен (5/8 во обидите за три поени и 3/4 во оние за два поени), плус и шест асистенции и пет скока, една освоена и две загубени топки, и индексни 27.поени.

ОСТИН ПРАЈС (ПЕЛИСТЕР)

Беше најдобриот стрелец на натпреварот со Маџари. Реализираше 24.поени, погоди шест тројки (од 11.обиди), имаше и 3/4 во обидите вредни по два поени. Имаше и три скока и две асистенции, три освоени топки, една загубена, и една блокада за оние повеќе од 40.минути кои ги доби од стручниот штаб, односно тренерот Даскаловски, кои му донесоа 25.индексни поени.

ПРВА ПЕТОРКА

Урош Луковиќ (МКК Куманово)

Џејкоб Хатсон (Работнички)

Ленгстон Вилсон (Пелистер)

Кристофер Дис (Тиквеш Голден Игл)

Остин Прајс (Пелистер)

ВТОРА ПЕТОРКА

Луал Рахама (Феникс 2010)

Џејлен Билингсли (Чаир 2030)

Стенли Дејвис (ТФТ)

Џастин Гордон (ТФТ)

Александар Радукиќ (МКК Куманово)