24.10.2025

На битолчани им беа потребни дополнителни десет минути за да ја оправдаат фаворитската улога и да победат (101:90)

„МТЕЛ“ СУПЕР ЛИГА-МАЖИ: Дури по 50 минути игра, Пелистер го „скрши“ Маџари

Во последниот меч, со кој беше комплетирано третото коло од МТЕЛ Супер лигата, екипата на Пелистер, по две продолженија успеа да го скрши отпорот на новакот во суперлигашката конкуренција, екипата на Маџари. 

ПЕЛИСТЕР – МАЏАРИ 101:90

Изненадувачки делуваа оние (33:45) на семафорот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола по 20.минути од средбата Пелистер-Маџари.

Прво, одлично полувреме на гостинската екипа која во секоја смисла на кошаркарската игра го надигра фаворизираниот противник. Максимално го користеа опуштениот пристап на домашните кошаркари, особено тоа се однесува на воведната четвртина. Онаа во која Маџари поведе со двоцифрени (25:14), кои до големиот одмор не само гостите што ги задржаа, туку и го зголемија водството на позитива од високи, големи 12.поени.

И практично, тие десет минути беа пресвртница во играта на „зелено-белите“, кои парцијално со голема помоѓ од двоецот Прајс-Л.Вилсон, го добија тој дел со двојни поголеми (26-13), и дури успеаја да преминат во минимално вдство (59:58) по три одиграни четвртини.

Но гостите не ги „спуштија гардот“, напротив, продолжија да прават сериозни проблеми за „пелистерци“. Во средишниот дел од последната четвртина Маџари имаше предност (66:64). Таа „траеше“ се до 1:08 минути пред крајот, кога Митревски донесе изедначување (73:73), резултат кој останаа „на сила“ и на истекот на 40.минути, што донесе дополнителни пет.

Во нив продолжи нервозата во играта на Пелистер, Маџари беше екипата која имаше минимално водство. Но само до моментот кога Стајиќ погоди за три поени, за нова промена во резултатот (81:79).

Но со иста мерка врати Димчевски на другата страна од теренот (84:83). Во 20 секунди кои им останаа на домашните, Дејвис собра еден „отпадок“, се избори за две слободни фрлања. Го погоди првото, а потоа беше досудена техничка грешка, но на клупата на Пелистер (четворица странски играчи на терен во ист момент).

Димчевски донесе ново водство, (85:84), кое го поништи Дејвис, со уште едно слободно фрлање (85:85) и нови пет минути, како екстра период број 2.

Минути во кои Маџари остана без енергија да се натпреварува против поквалитетниот противник, кој по 50.минути сепак стигна до планираната цел – победата.

Прајс застана на 21.поен (и три скока), Л. Вилсон на дабл-дабл од 17.поени и 13.скока, а двоен број на поени даде и бековскиот тандем на Пелистер, Стајиќ (16) и Митревски (11), додека Дејвис имаше 14.поени (девет скока и три асистенции).

Стејплтон реализираше 21.поен (четири асистенции и два скока), Хот и Лафајет додадоа по 13 (репрезентативецот на Македонија оствари и 11.скока), неговиот колега од националниот тим, Луканоски дојде до 14 (и шест скока), а уште 12. дојдоа од Грин (плус осум скока и пет асистенции) за екипата на Маџари.

„МТЕЛ“ СУПЕР ЛИГА-МАЖИ

РЕЗУЛТАТИ 3. КОЛО

Пелистер – Маџари 101:90

Ангели – МЗТ Скопје Аеродром 55:78

МКК Куманово - Феникс 2010 99:81

Кожув – Гостивар 73:72

Работнички – Тиквеш Голден Игл 99:87

Чаир 2030 – ТФТ 64:82

ТАБЕЛА

1. Пелистер 3 3 0 320:239 +81 6

2. ТФТ 3 3 0 252:206 +46 6

3. МЗТ Скопје А. 3 3 0 246:201 +45 6

4. МКК Куманово 3 3 0 266:231 +35 6

5. Кожув 3 2 1 224:229 -5 5

6. Тиквеш ГИ 3 1 2 238:238 0 4

7. Гостивар 3 1 2 230:240 -10 4

8. Феникс 2010 3 1 2 236:252 -16 4

9. Работнички 3 1 2 237:285 -48 4

10. Маџари 3 0 3 236:260 -24 3

11. Чаир 2030 3 0 3 212:252 -40 3

12. Ангели 3 0 3 203:248 -45 3

ДВОЈКИ 4.КОЛО

25.ОКТОМВРИ (САБОТА)

17.00: Тиквеш Голден Игл – Чаир 2030

26.ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА)

17.00: ТФТ – Маџари

17.00: Пелистер – Феникс 2010

18.00: Кожув – Работнички (МРТ3)

18.00: МКК Куманово – Ангели

27.ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК)

18.00: Гостивар – МЗТ Скопје Аеродром