ФОТО: Томе Арсов ( Галактикос Продукција)
Она што го загубија пред своите гледачи во првото коло, кошаркарите на Кожув го освоија на гости, во Кавадарци, во второто...
Во натпревар полн со промени во играта и во резултатот, на крајот, се беше решено на три секунди пред звукот на сирената, со точниот обид на гостинскиот кошаркар Первис, вреден три поени и два бода.
ТИКВЕШ ГОЛДЕН ИГЛ – КОЖУВ 70:72
Иако домашната екипа имаше минимална предност на полувремето, од два поени (38:36), во најголем дел од тие први 20.минути од играта на мечот во „Јасмин“, гостите од Гевгелија беа тие кои имаа предност, која во одредени моменти изнесуваше и девет поени (32:23), како што стоеше на семафорот во 15.минута.
Кога Кожув направи серија до (9-0). Или нешто подоцна, кога гевгеличани водеа со идентична разлика (34:25).
Но во тие нецели четири минути кои останаа да се доиграат во првото полувреме, Тиквеш Голден Игл се врати назад во мечот. И тоа со своја серија од (13-2), доволно за водство на полувремето.

ФОТО: Томе Арсов ( Галактикос Продукција)
Во второто, слична слика на теренот. Одново екипата од Гевгелија беше та која направи предност. Макар што во воведните минути од тој период, кавадарчани имаа и плус 5 (44:39).
Сепак, следуваа минути на Кожув, оние во кои гостите не само што го анулираа минусот, туку дојдоа и до сосема солидни (56:49), кога се играше 29.минута.
По три четвртини, имаа слична позитива, (61:56).
А во неполни три минути од последниот дел, кавадарчани одново влегоа во резултатски егал. Со пет поени по ред, израмнија на (61:61).
Откако Џексон му донесе ново водство на тимот-домаќин (70:69), на 1:40 минути пред крајот, нервозата, на двете страни, доби своја кулминација. Двете екипи потрошија по неколку напади, последниот, за Кожув се покажа и како победнички. Кога беше најпотребно, погоди Первис и донесе голема радост за гостинската екипа, прва во сезоната.
Со 18.поени, Первис беше и најефикасниот играч на Кожув, екипа во која Колев дополни со 15, Симиќ даде 12, а Дубински еден помалку – 11.
Во домашниот состав сличен распоред на поените. Бошалески даде 17, Андерсон имаше 14, Џексон 11, а Дис додаде 10.