Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го совладаа Кожув со 83-72 односно 23-11, 24-27, 17-17 и 19-17 по делници и си закажаа ново полуфинале во рамки на националниот Куп. Актуелниот шампион во домашното првенство ја мина првата препрека кон одбрана на титулата која ја освои минатата година во „26 април“, во Гевгелија.
Избраниците на Анте Назор го започнаа натпреварот на најдобар можен начин. Четири минути изминаа откако судиите дадоа знак за почеток на натпреварот, а „металците“ имаа водсвто од огромни 15 поени додека гевгеличани не поентираа од ниту еден обид. Маките на избраниците на Игор Михајловски траеја до крајот на првиот период кој МЗТ Скопје Аеродром го доби со 23-11, а мнозинството од поените што ги уфрлија кошаркарите на Кожув беа од линијата за пенали. Советите кои ги добија гевгеличани на минималната пауза пред почетокот на вториот период набрзо резултираа на паркетот. Со серија од 4-12 за нешто повеќе од три минути игра ’гостите’ се доближија на само два поени негатива (27-25). Назор не можеше да ги мотивира своите играчи, а наредните 15 минути беа одиграни во егал.
На полувремето резултатот беше 47-38 за ’домашниот состав’ што се покажа како доволен мотив за кошаркарите од клубот од Аеродром за рутински да ја сведат играта во вториот дел од натпреварот. Девон Ван Острум, Ѓорѓе Дреновац и Џош Скот беа носители на играта со која МЗТ Скопје Аеродром стигна до посакуваниот триумф.
Во полуфиналето „штрковите“ ќе се пресметаат против домаќинот на завршниот турнир од ЛИМАК Купот на РМ, Фени индустри.
Стрелци на натпреварот:
МЗТ Скопје Аеродром: Ѓорѓе Дреновац (24 поени), Џош Скот (24 поени), Jure Lali' (11 поени)
Кожув: Миливоје Мијовиќ (17 поени), Кевин Мекнил (18 поени), Лери Хал (10 поени)