21.02.2020

На местото на Димитријевиќ во Перм ќе патува Ефремовски

Иако беше најавено дека поради краткиот рок за промена на авионскиот билет, македонската репрезентација најверојатно со 11 играчи ќе оди во Перм, во последен момент се отвори можност за замена, која стручниот штаб на напито национален тим ја искористи...

Со интервенција на канцеларијата на нашата федерација, на местото на повредениот Ненад Димитријевиќ, рано изутрина, во 05.00 часот, заедно со останатите репрезентативци, ќе патува кошаркарот на Работнички, Виктор Ефремовски кој беше на списокот од 15 кошаркари, но заедно со Марко Миловановиќ и Филип Бакоч, отпадна на ден пред дуелот со Естонија.

Тоа ќе биде нова можност 21. годишниот шутер да дебитира за сениорската репрезентација откако претходно ги помина речиси сите младински селекции на Македонија.

Натпреварот против Русија е закажан за 23 февруари во 16 часот по средноевропско време (20 часот по времето во Перм). Ненад Димитријевиќ нема да настапи на тој дуел поради повреда на задната ложа, на која се пожали уште пред почетокот на средбата со Естонија.