По три одиграни кола, и ефект од две победи и еден пораз, тимот на Ненад Димитријевиќ останува со реални шанси за место во првите осум...
Три одиграни кола се зад 16.екипи кои ја играат ТОП 16 фазата во Еврокупот. Меѓу нив и екипата на Хувентуд, каде како свој претставник го имаме Ненад Димитријевиќ.
Синоќешната победа против екипата на Тофаш (88:84), извојувана без помошта на Димитријевиќ (се пожали на болки во пределот на листот на ногата), ги остави во игра за пласман во четвртфиналето.
Вистинска турканица не е само во групата „Х“, каде освен овие екипи се уште и двете шпански, Уникаха односно МораБанк Андора.
Три екипи се со идентичен ефект, две победи и еден пораз, а по три кола и без победа, се чини дека веќе отпадна тимот од Андора.
Според распоредот, Хувентуд го чекаат две тешки гостувања, прво во Бурса (28.јануари), а потоа и во Андора (4.февруари).
Оваа ТОП 16 фаза Хувентуд ќе ја затвори на домашен терен, против Уникаха, на 4.март.
Слична е ситуацијата и во групата „Е“, каде исто така, три екипи имаат ефект (2-1), Партизан, Виртус Болоња, и Дарушафака.
Во групата „Ф“ пак во таква улога е италијанскиот двоец, Бреша и Венеција, а во „Г“, водат рускиот Уникс и литванскиот Ритас, исто така со скор од две победи и еден пораз.
Освен Андора, само уште екипата на Тренто не знае за победа во овој круг од натпреварите во второто според квалитет, натпреварување во Европа.