05.07.2024

Македонската репрезентација „Под 18“ години одигра против соодветната селекција на Црна Гора, која во подобар финиш стигна до триумф (92:90)

На првата „контрола“ јуниорската селекција на Македонија загуби минимално од Црна Гора

Нашата машка селекција „Под 18“ години, вечерва го одигра првиот контролен натпревар во подготвителниот период.

Гостин на нашиот јуниорски национален тим беше репрезентацијата на Црна Гора, која со подобар финиш, во последните пет минути направи пресврт и на крајот славеше победа во СРЦ „Кале“.

МАКЕДОНИЈА (У18) – ЦРНА ГОРА (У18)        90:92

Во првото полувреме, двете селекции разменија по една четвртина. Македонија ја доби првата, со резултат (23:21), иако нашите јуниори во текот на тие десет минути се стекнаа и со сосема солидно водство (19:13) кое беше запишано во седмата минута од играта.

Таа предност ја имавме и на средината на втората четвртина (33:28). Ја чувавме до 17.минута кога гостите за прв пат поведоа (39:38), и полувремето го затворија со повисоко водство, (47:43).

Ефикасната игра продолжи и по „големиот одмор“. На истекот на 25.минута, нашите јуниори ја анулираа предноста на противникот, дојдоа до егал резултат (59:59).

А веќе во следниот напад, го вративме и водството на наша страна, макар и минимално, (62:61). Но на крајот на овој период Црна Гора одново водеше со (70:68).

Имавме одлично отварање на последната четвртина. Во две и пол минути, со серијата од (7-1), поведовме со (75:71).

На неполни четири минути пред крајот, а по поените на Луканоски водевме со слични, (83:80).

Но како решавачки се покажаа последните четири минути. Оние во кои јуниорите на Црна Гора направија серија од (8-0) по која поведоа со (88:83). А за игра останаа 2:32 минути. Не помогна ниту тајм-аутот на селекторот Горан Андреевски. Црногорците ја продолжија својата серија на поентирање, стигнаа и до десеттиот поен во низа, за недостижни (90:83) во онаа една преостаната минута предвидена за игра.

На оваа прва, од двете договорени проверки, двата селектори испробаа по 14.кошаркари. Капитенот Јаничиќ ја предводеше нашата селекција, реализираше 25.поени, а освен тоа имаше и шест скока и две освоени топки. 

Нашиот највисок кошаркар, Марко Луканоски стигна до двоен ефект, затоа што освен 14.поени имаше и 14. скока (плус пет успешни додавања). Ги следеше Младеновски, со 11. реализации (и седум асистенции), Трајанов едне помалку, додека Марјановиќ и Ќириловски постигнаа по девет поени.

Двете селекции ќе одиграат уште еден натпревар. Утре попладне, со почеток од 14.часот, на истото место, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.