Во текот на наредната недела ФИБА планира да направи значајни промени во системот за натпреварување во Лигата на Шампионите.
Според најавите од Минхен, предвидено е онаа прва, односно групна фаза во најквалитетното натпреварување кое го организира европскиот дел на ФИБА, да биде реализирано според турнирски систем.
Од седиштето на Светската кошаркарска федерација доаѓаат информации дека се планира формирање на осум натпреварувачки групи, кои би имале и осум градови-домаќини.
Па наместо првобитно планираните 14, доколку овој најавен формат биде прифатен, сите екипи учесници во првиот круг од натпреварувањето во ФИБА Лигата на шампионите би одиграле по шест натпревари (секој со секого, во т.н. „балон“).
Секако, се со една цел, максимално да се испочитуваат сите здравствени протоколи и заштита од пандемијата предизвикана од присуството на Ковид-19.
Инаку, во овие четири дена, во Ботевград односно Никозија, се играат квалификациите за пополнување на четирите слободни места во најквалитетното натпреварување на ФИБА.