21.09.2022

Со квалификациските турнири за пласман во Лигата на шампионите, денеска официјално стартува клупската сезона во Европа.

Најголем европски предизвик за ТФТ

Дел од европската кошарка ќе биде застапена и во Скопје, а претставник на Македонија во ова натпреварување ќе биде освојувачот на Купот, ТФТ.

Екипа кој првпат во својата кратка историја ќе настапи во ФИБА Лигата на шампионите.

Односно еден чекор понапред во однос на ланската сезона кога „црно-белите“ учествуваа во истата фаза, но во ФИБА Европа купот.

Клубот од Тафталиџе ја прифати и организацијата на овој турнир што е огромна одговорност со оглед на тоа што во Скопје дојдоа екипи од некои од најсилните европски првенства, како турското и германското.

Првиот натпревар на ТФТ е вечерва од 21 часот против германскиот Кемниц.  Уште еден дебитант, но не само во Лигата на шампионите, туку на европска сцена воопшто, во чиј стручен штаб е македонскиот тренер, Ѓорѓи Кочов.

Квалификациите во Скопје се одржуваат од 21. до 25. септември. Покрај турнирот во Скопје, се играат уште три, во Белград, Лисабон и Малага, каде на листата на официјални лица е името на нашиот најдобар судија Игор Митровски.

Во пресрет на почетокот на квалификациските турнири, ФИБА ги претстави екипите кои ќе учествуваат на нив, а ги има вкупно 24:

„Најмладиот тим во Македонија, формиран пред само четири години, но веќе со важен трофеј во својата колекција. ТФТ го освои Купот на Македонија во 2022 година, во својата само втора сезона во елитната конкуренција. Екипата веќе има искуство на европска сцена со настапот во квалификациите за ФИБА Европа купот, но испадна во првата рунда.

Уште никој не знае каков ефект на екипата ќе имаат странските кошаркари Трент Батрик, Лаклан Андерсон и Донован Доналдсон, но ТФТ има квалитетни домашни кошаркари кои ја чинат основата. Александар Костоски е ‘моторот’, 34. годишниот плејмејкер може да поентира и асистира и да дојде до дабл-дабл против кој било тим“ - се вели, меѓу другото, во анализата на ФИБА..

ФИБА ЛИГА НА ШАМПИОНИ

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ - КВАЛИФИКАЦИСКИ ТУРНИР - СКОПЈЕ

ЧЕТВРТФИНАЛЕ

21.СЕПТЕМВРИ (СРЕДА)

18.00: Лестер – Волунтари

21.00: ТФТ – Кемниц

ПОЛУФИНАЛЕ

23.СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК)

18.00: Тофаш – Лестер/Волунтари (1)

21.00: Олимпик Фрибург – ТФТ/Кемниц (2)

ФИНАЛЕ

25.СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА)

20.00: Победник-полуфинале 1 – Победник-полуфинале 2