Некако и премногу брзо ги прескокна оние „скалила“ во младинските национални селекции. И побрзо, веројатно и од неговите очекувања, Лука Савиќевиќ се најде на списокот на сениорскиот национален тим.
А од пред некои 48. часа и составен дел од селекцијата која ја состави селекторот Александар Тодоров за потребите на квалификацискиот турнир кој од 28. до 30. ноември ќе се одржи во Талин.
„Повикот за сениорската репезентација ми претставува голема чест. За прв пат во кариерата имам шанса да бидам дел од сениорската репрезентација, и тоа ќе биде едно ново искуство во мојата млада кариера. Подготвен сум за предизвиците кои стојат пред мене. Верувам дека ќе оствариме позитивен резултат и дека сите заедно, ќе дадеме сè од себе за да дојдеме до таа цел“- вели младиот кошаркар на МЗТ Скопје Уни Банка.
Изминатиот викенд и оние три „работни дена“, како најмлад во ова друштво кое работеше во СЦ „Јане Сандански“ (роден е 2002 година) Савиќевиќ се запозна со своите поискусни соиграчи во репрезентацијата на Македонија. И тоа како потребни за „до вчера“ јуниорски репрезентативец.
„Изминатите неколку дена бев во можност да научам доста нови работи од постарите и поискусни играчи. Со повеќето од нив се познавам подолго време и ми доста помогнаа. Секако за многу полесно да се прилагодам на сениорската кошарка. Благодарен сум на добиената шанса, и се надевам дека ќе ја искористам на вистински начин“- дополнува младиот кошаркар кој треба да ја покрива племејкерската позиција во овој состав кој го одбра селекторот Александар Тодоров.