07.06.2021

Во јули и во август, нови предизвици, ќе ги пречекаме претставниците во две машки и едно женско младинско евро-натпреварување

Нашата федерација ќе биде домаќин на три ФИБА „челенџери“, а уште три селекции ќе го пополнат „европското лето“

Угледот кој Македонската кошаркарска федерација го има пред раководните луѓе на ФИБА, уште еднаш доби своја потврда.

Имено, и ова лето, нашата федерација ја доби привилегијата, честа, да биде организатор на дури три натпреварувања кои се под знакот на Светската кошаркарска федерација, а кога станува збор за оној младински европски сегмент.

И оваа година, во текот на јули и август ќе организираме три натпреварувања, кои според новата „номенклатура“ на ФИБА, а се насловени како ФИБА „челенџери“.

И тоа две од нив се во машка и едно во женска конкуренција.

Во периодот од 13. до 18. јули, во Скопје, ќе се одржи еден од трите предвидени турнири, и тоа за кошаркарки „Под 20“ години.

Како дел од групата „Е“, покрај нашата женска јуниорска селекција се уште и репрезентациите на Романија, Словачка, Луксембург и Косово.

Од 3. до 8. август пак, на програмата е ФИБА „челенџерот“ за кошаркари „Под 18“ години.

Како домаќин, Македонија ќе игра во групата „А“, која и дефинитивно е најсилната во ова натпреварување.

Во првата недела од август во Скопје ќе ни гостуваат селекциите на Шпанија, Србија, Хрватска, Германија и Грузија.

Од 16. до 21. август ќе биде одигран и еден од турнирите од „А“ дивизијата за кошаркари „Под 16“ години. И во кадетска конкуренција сме во веројатно најсилната „А“ група од овие новоформирани “челенџери“.

За противници ги имаме соодветните селекции на: Франција, Литванија, Грција, Русија и Романија.

Предвидено е сите три турнири да се играат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.

А освен овие три „домаќинства“ македонската младинска репрзентативна кошарка ќе биде претставувана и од други наши селекции.

Машката селекција „Под 20“ години патува за Унгарија, поточно за Шопрон. Во овој град, од 20 до 25.јули, ќе се играат две групи. Македонската младинска селекција е дел од групата „Д“ во која се уште и селекциите на Швајцарија, Романија и Луксембург.

Нашата федерација испрати апликација за учество и на нашата женска селекција, за кошаркарки „Под 18“ години. Тие ќе играат на „челенџерот“ кој од 27.јули до 1.август ќе се одржи во Софија.

Во тој период во главниот град на Бугарија ќе играме во групата „Д“ во која се уште и репрезентациите на Словачка, Украина, Бугарија, Швајцарија и Албанија.

Кадетките ќе играат на турнирот во Тбилиси, каде од 9. до 14. август ќе се играат мечевите од групата „Е“ за кошаркарки „Под 16 години“.

Покрај Македонија и Грузија, во ова друштво се поставени уште и репрезентациите на: Албанија, Малта и Ерменија.