27.03.2023

Капитенот на нашата женска сениорска репрезентација беше прв поентер на турнирот во Подгорица

НАШИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ: Анџелика Митрашиновиќ е најдобар стрелец на завршниот турнир во WABA лигата

Најдобрата македонска кошаркарка во моментов Анџелика Митрашиновиќ, заедно со Шарека Мекнил од Војводина, е прогласена за најдобар стрелец на Ф4 од ВАБА лигата кој се одржа изминатиот викенд во Подгорица.

Нашата репрезентативка беше единствената светла точка во екипата на Монтана на собирот на најдобрите четири екипи во женската Јадранска лига. Но нејзините обиди останаа без вистинска логистика од соиграчите, па Монтана заврши на последното место на „фајнал-фор“ турнирот.

На двата натпревари кои ги одигра во главниот град на Црна Гора, Митрашиновиќ постигна вкупно 42 поени, колку што имаше и Мекнил. На мечот за третото место, против екипата на Војводина, нашиот репрезентативен бек реализира 28 поени, или точно половина од вкупниот број постигнати на нејзината екипа.

Инаку, титулата во WABA лигата и оваа сезона ја освои словенечкиот тим Цинкарна Целје која во финалето го победи домаќинот Будуќност со минимални (66:64), а за најкорисне играч на завршниот турнир е прогласена Блажа Чех од шампионската екипа.