ФОТО: Андреј Јакимовски и Ти-Џеј Бамба го „прелетаа“ и популарните „хаски“ од Вашингтон
Андреј Јакимовски продолжува со своите одлични партии како дел од Вашингтон Стејт Универзитетот. И ноќеска, беше еден од главните играчи на Кугарс во новиот триумф, сега против екипата на Вашингтон Хаскис со резултат (93:84).
Иако за соиграч го има Ди-Џеј Родман, син на на еден многу попознат играч со тоа презиме – Денис Родман, нашето репрезентативно крило одигра во стилот на неговиот татко !!!
Веројатно и самиот не памети дали, и кога за последен пат во статистичките категории имал поголем број на скокови во однос на поени, а притоа бил двоцифрен во двете.
Така беше на оваа средба во која Јакимовски стигна до двоен ефект, изразен со неверојатнии за него рекордни 17 скока, дополнети со 12 поени, за 32 минути кои ги помина на теренот.
Погоди три тројки, имаше и три реализирани слободни фрлања. Оствари и шест офанзивни скока, плус 11 дефанзивни, дополнети со две асистенции, пет загубени топки и по една освоена топка и блокада.
Со оваа победа, Кугарс конечно „отидоа“ над 50% на успешност во сезоната. Имаат ефект (16-15) во последниот месец од регуларниот дел на НЦАА лигата.
*Во „македонското дерби“ во ВТБ лигата, екипата на ЦСКА од Москва предводена од нашиот тренер, Емил Рајковиќ го победи Уникс Казан (91:77), на Ненад Димитријевиќ
Македонскиот репрезентативец имаше одлична партија за поразениот тим. На теренот беше 33 минути, период за кој постигна 17 поени, а имаше и девет асистенции.
Тимот на Емил Рајковиќ е прв на табелата со 26 победи и два порази, а Уникс Казан е втор со ефект од 23 победи и пет порази.
*Tелеком Бон ја продолжи победничката серија во Бундеслигата, како и потерата по Алба откако беше подобар од Краилсхајм со (101:83).
Централна фигура повторно беше македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс кој против својот поранешен тим оствари дабл-дабл. За тоа му требаше само едно полувреме бидејќи веќе по воведните 20 минути игра постигна 12 поени и 10 асистенции. Натпреварот го заврши со 17 поени и 15 скока, за индекс 25, највисок на натпреварот.
Екипата на Телеком Бон провизорно е на првото место на табелата во германското првенство со биланс 19-2, но има два натпревари повеќе од Алба која во досегашниот дел од првенството доживеа само еден неуспех.