Ненад Димитријевиќ имаше неверојатен старт во новата станица од кариерата. Во дресот на италијанскиот гигант Олимпија, македонскиот репрезентативец астигна и до својот прв голем трофеј како играчи на тимот од Милано, оној во Суперкупот на Италија, во кој едно продолжение беа подобри од Виртус Болоња (98:96).
Нашиот репрезентативен бек беше еден од најзаслужните за успехот на „манекените“ со оглед што финалната пресметка од ова натпреварување ја заврши со 16 поени, пет скока и шест асистенции.
А добрите игри на двата натпревари, во кои стигна до просек од 15 поени, 3.5 асистенции и 3 скока, му го донесоа и признанието за најкорисен кошаркар на италијанскиот Суперкуп.
Инаку, ова лето, Ненад Димитријевиќ го замени дресот на руски Уникс со тој на Олимпија Милано и за првпат во кариерата ќе настапи во најсилната европска конкуренција - Евролигата.
А тренерот на екипата од Милано, Еторе Месина и по триумфот над Виртус Болоња имаше само пофални зборови за нашиот репрезентативец:
„Нено дојде кај нас по две години во Русија каде одличен тренер како Перасовиќ му внесе огромна самодоверба. Мислам дека тоа искуство му помогна да созрее како играч. Тој веќе не е дете, туку маж, Нено е татко… Во овие два дена покажа извонредни работи околу тоа како е способен да ја контролира играта. Лично, мислам декаќе биде уште подобар како што ќе минува времето, кога ќе увиди кон кого ќе треба да ја насочи играта во одредени ситуации, а кон кого во некои други периоди од натпреварите“- коментираше Месина по успешниот викенд за Олимпија Милано.