16.04.2022

Џејкоб Вајли ги погоди сите четири обиди од поле во гостинската победа над конкурентот Морабанк Андора (93:76)

НАШИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ: „Хет-трик“ на Реал Бетис, се гледа опстанокот во „Ендеса“ лигата

Кошаркарите на Реал Бетис стигнаа до уште една, трета по ред победа во „Ендеса“ лигата во последните десет дена. Многу вредна во трката за опстанок во најсилната лига во Европа. И тоа против директниот конкурент во битката за преживување во елитната шпанска конкуренција, Морабанк Андора, уште и на гостински терен, и повеќе од убедлива (93:76).

И со беспрекорно точна изведба на нашиот репрезентативец Џејкоб Вајли, и тимски рекорд од 17 постигнати тројки.

Силното крило на екипата од Севиља ги погоди сите четири обиди од поле. Имаше осум поени, а за 23:32 минути на теренот плус и осум скока и една асистенција, и индекс-16.

Ова беше деветтиот триумф за Реал Бетис во 29. одиграни натпревари. Ефект од (9-20) со кој конечно излее од зоната на испаѓање во која сега најзагрозена е токму екипата на МораБанк Андора (8-21), но и Сан Пабло Бургос.