11.10.2024

Во евролигашкиот дуел на македонските репрезентативци, тимски славеше Димитријевиќ (79:74), а Шортс беше на чекор до двоен ефект

НАШИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ: Олимпија го победи Париз, Шортс подобар од Димитријевиќ

Не требаше да мине многу време за да го дочекаме директниот дуел помеѓу двајцата македонски репрезентативци во најсилната европска клупска конкуренција Евролигата.

Вечерва во Милано, на едната страна од игралиштето Ненад Димитријевиќ како стартер во екипата на Олимпија, на другата, Ти Џеј Шортс, како лидер на новиот евролигаш-Париз.

Битка која се одвиваше пред очите на раководството на Македонската кошаркарска федерација, присутно во миланскиот „Унипол Форум“, предводено од претседателот Перо Антиќ.

Димитријевиќ беше за нијанса поефикасен од Шортс, во првото полувреме реализираше шест поени (две тројки), додека пак натурализираниот Македонец веќе испорача седум успешни додавања до соиграчите кои водеа со (39:35) по 20.минути од играта.

Во продолжението на натпреварот, Шортс „флертуваше“ со дабл-дабл ефект, брзо ја надмина цифрата од десет реализации. На крајот, плејмејкерот на Париз заврши со ефект од 17.поени (7/12 за два и 3/4 за еден поен), осум асистенции и четири скока за 27.минути во игра.

На другата страна, Димитријевиќ застана на скор од девет поени (3/7 за три поени), плус и три скока за 26:17 минути во игра.

Ова беше прва победа во новата сезона за екипата од Милано, а втор пораз за онаа од главниот град на Франција.  

За време на престојот во Милано, нашата делегација ќе разговара за можноста да ги имаме на располагање Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс за ноемвриските дуели со Литванија.