25.03.2022 Македонскиот репрезентативец ги оправдува очекувањата на турнирот од јуниорската лига што се одржува во Патра. Барселона вечерва го совлада Олимпијакос со (84:59), токму со сериозна помош на нашиот млад кошаркар. За 16 минути на паркетот, Симиќ постигна 20 поени (7/8 за два, 1/3 за три и 3/5 од линијата за слободни фрлања), а додаде уште осум скока и една асистенција за индекс 25, втор највисок во неговата екипа. И бројот на постигнати поени и остварениот индекс се негови лични рекорди во јуниорската Евролига, во третата сезона во која настапува. Досегашниот најдобар ефект му беше 16 поени и индекс 23, од завршниот турнир минатата сезона. На Барселона утре игра и против Макаби од Тел Авив кој е директен конкурент за првото место во групата. По првиот ден на турнирот во Патра двете екипи имаат максимален скор 2/0.