Македонија ќе има свој претставник во последниот натпревар кој ќе го одреди и новиот првак во ФИБА лигата на Шампионите.
За тоа „право“ се избори македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс со неговиот клуб Телеком Бон со победата во полуфиналето на „Фајнал-фор“ турнирот кој денеска почна во шпанската Малага.
Бундеслигашот беше подобар од домаќинот на овој турнир, екипата на Уникаха, во полуфиналето, кое се претвори во драматично, славеше со минимални (69:67).
Во голема мерка по „заслуга“ на нашиот репрезентативен бек.
Иако беше далеку најефикасен и најдобар играч на тимот од Бон, и на натпреварот, за малку ќе се претвореше во трагичар.
Имено, на 10.6 секунди пред крајот на полуфиналето, Шортс ги промаши двете слободни фрлања за потврда на победата. Топката се одби до Кендрик Пери, кој го поведе составот на Уникаха кон победа. Но шутот на некогашниот играч на скопски Карпош Соколи заврши на обрачот, па победата остана за германскиот тим.
Екипа која и на овој меч ја водеше Ти Џеј Шортс, стрелец на 21.поен (1/4 за три, 4/9 за два и 10/13 за еден поен), дополнети со седум асистенции, еден скок, три загубени и две освоени топки за 28:27 минути во игра.
Во битката за шампионскиот пехар во ова најквалитетно натпреварување во организација на ФИБА, ќе играат против израелскиот претставник Хапоел Еурсалим, кој со голем успех оваа сезона го предводи поранешниот македонски селектор Александар Џикиќ.
Хапоел, помалку изненадувачки, беше подобар во дуелот со уште една шпанска екипа, Тенерифе, во драматичен финиш тимот на Џикиќ беше за поен подобар (69:68), и го симна од шампионскиот трон тимот од Канарските Острови.