Македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс со својот Телеком Бон е освојувач на титулата во ФИБА Лигата на Шампионите.
Во големото финале во Малага, бундеслигашот го совлада Хапоел Ерусалим, предводен од поранешниот селектор на македонската репрезентација Александар Ѓикиќ, со (77:70) и го освои првиот интернационален трофеј во својата клупска историја.
Ја круниса фантастичната сезона во ова натпреварување во кое претрпе само два порази. Еден во првото коло и еден во плеј-оф серијата против Стразбур. На патот кон оваа титула, на завршниот турнир Телеком Бон беше подобар и од домаќинот Уникаха кој беше сметан за голем фаворит.
ТИ ЏЕЈ Е МВП И НА ФИНАЛНИОТ ТУРНИР ВО МАЛАГА
То Џеј Шортс беше убедливо најдобар играч, го доби признанието за МВП на сезоната, а со 29. поени против Хапоел беше прогласен и за МВП на завршниот турнир во Малага.
За 28 минути на теренот, шутираше 7/14 за два, 3/3 за три и 6/8 од линијата за слободни фрлања.
Во седмата сезона од постоењето на ФИБА Лигата на Шампиони, Телеком Бон е прв германски клуб кој ја освојува титулата.
Тенерифе и Бургос имаат по два трофеја, а АЕК и Виртус по еден. Воедно, за Телеком Бон, кој постои од 1992 година, ова е прв клупски пехар, на кое било ниво.