15.05.2022

Успешен финиш на клубовите на нашите репрезентативци во регуларниот дел од сезоната во „Ендеса“ лигата

НАШИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ: Вајли „десет со десет“ за опстанок на Бетис, Димитријевиќ и Валенсија, веднаш до Барселона и Реал Мадрид

Ненад Димитријевиќ и Валенсија ќе тргнат од третата позиција во доигруавњето за шампионската титула во шпанската елитна лига, откако во последното, 34. коло од регуларниот дел, „портокаловите“ славеа исклучително важна победа на гостински терен против Обрадоиро (89:85). За краен скор од 23.победи и 11.порази, и извонредно трето место на табелата.

Веднаш зад великаните, Барселона (27-7) и Реал Мадрид (25-9)...

Како третопласирана екипа на табелата, во четвртфиналето на плеј-офот, Валенсија ќе игра против шестопласираната Басконија.

На последниот меч од првата фаза, Ненад Димитријевиќ одигра нецели 15.минути. Реализираше осум поени (0/1 за три и 4/8 за два поени), кои ги дополни со четири асистенции и еден скок.

Реал Бетис, за кој во вториот дел од сезоната настапува(ше) Џејкоб Вајли, го потврди опстанокот во најсилната лига во Европа со уште еден триумф. По петминутно продолжение на гостински терен во Билбао (99:98). За „зелено-белите“, петти во последните шест натпревари. За конечни 13.победи и 21.пораз, доволно за 13. место на табелата во „Ендеса“ лигата од каде во понизок ранг се преселија Морабанк Андора и Сан Пабло Бургос.

Одличен настап имаше Вајли на последниот меч во оваа сезона на тимот од Севиља. Заври со дабл-дабл ефект од десет поени (5/11 за два поени) и десет скока, плус едно успешно додавање.