13.04.2022

Осум поени и четири скока за нашиот репрезентативец против „портокаловите“ кои во Севиља беа без услугите на Ненад Димитријевиќ

НАШИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ: Вајли и Бетис не се предаваат, ја победија и Валенсија

Екипата на Реал Бетис, за која од пред извесно време настапува и македонскиот репрезентативец Џејкоб Вајли, направи уште едно големо изненадување во „Ендеса“ лигата на Шпанија.

Последнопалсираната екипа на табелата стигна до особено важен триумф против фаворизираниот состав на Валенсија (75:68), што е втора по ред победа за екипата од Севиља која очајнички се бори да побегне од последната позиција на табелата.

За нив ова беше осма победа (во 28.одиграни натпревари) во најсилната европска лига со која се изедначија со бројот на успеси со конкуренцијата која ја чинат екипите на Сан Пабло Бургос, Морабанк Андора и Касадемонт Сарагоса.

Успешен настап имаше и силното крило на нашиот национален тим. За нецели 20.минути во игра, Вајли реализираше осум поени (погоди четири од пет шута од поле), а имаше уште и четири скока, но демонстрираше и врвна одбрана (имаше и една монструозна блокада).

Инаку, во составот на гостинската екипа не беше нашиоѕ втор репрезент во Шпанија, Ненад Димитријевиќ.