11.08.2023

Оваа национална телевизија објави дека ги откупиле правата за преноси од олимписките претквалификации од естонската престолнина.

Натпреварите на сениорите на турнирот во Талин, со директен пренос на ТВ „Канал 5“

Натпреварите на македонската сениорска репрезентација на претквалификацискиот олимписки турнир во Талин (12-15 август) ќе бидат достапни за гледање на целата спортска јавност во нашата земја, откако од оваа национална телевизија објавија дека ги откупиле правата за преноси од главниот град на Естонија.

На отворањето на турнирот во Талин, нашите најдобри кошаркари ќе се сретнат со репрезентацијата на Израел. Натпреварот е закажан за 18. часот во Арената „Тондираба“ во овој естонски град.

На 13. aвгуст, во истиот термин, Македонија ќе ги одмери силите со селекцијата на домаќинот на овој собир – Естонија.

По ден пауза, на 15. август (вторник), од 15.часот, „црвено-жолтите“ ќе играат и против репрезентацијата на Чешка.

Во зависност од исходот на натпреварите во овие три кола од турнирот во Талин, на кој Македонија брка едно од првите две позиции кои носат место во полуфиналната фаза, каде што ќе вкрстиме со најдобрите од групата во Гљивице во која се Полска, БиХ, Унгарија и Португалија, ќе биде одреден и понатамошниот распоред на преноси од претквалификациите за Олимпијадата во Париз. 

Инаку, пласман во квалификациите за ЛОИ 2024 ќе обезбеди само најдобрата од овие осум репрезентации, кои се дел од европската зона.