21.02.2025

Квалификации за Евробаскет 2025

Натпреварот кој МОРА да го добиеме: Естонија - Македонија од 18:00 часот!

Распродадената Унибет арена во Талин вечерва ќе биде теренот на кој ќе се одреди текот на активностите на машката сениорска репрезентација до крајот на календарска 2025 година - чекор поблиску до пласман и настап на Европско првенство, по пауза од 10 години, или пласман во третата рунда на претквалификации за Светско првенство 2027 година.

Дванаесетмината кои ги одбра Јончевски за походот кон Естонија - Стојановски, Димитријевиќ, Крстевски, Магдевски, Маслинко, Ѓуроски, Робев, Зеќири, Ефремовски, Николов, Петков и Шортс, ќе излезат на мегдан во 19:00 часот (локално време, 18:00 македонско време), против добро познатиот противник - за почеток, а потоа и против Полска, три дена подоцна за запечатување на овој евроквалификациски циклус.

Во моментов размислуваме само на Естонија и на натпреварот кој мора да го добиеме за да одиме понатака, а за Полска ќе се подготвуваме по Естонија. Имаме мотив, имаме желба, составот можеби не е во најпосакуван изглед по моментов. Имаме среќа што Ненад Димитријевиќ е со нас, тука го имаме и Ти-Џеј Шортс. Се надевам дека како тандем ќе функционираат беспрекорно и ќе дојдеме до победа. - потенцира селекторот Јончевски на првиот собир на тимот.

Пренос од натпреварот ќе биде овозможен на каналот СпортКлуб 5 хд.