25.05.2020

Жорди Бертомеу предложи, клубовите со „А“ лиценца во Евролигата одлучија – крај во двете најквалитетни лиги во Европа.

Нема елитна кошарка: Крај на сезоната во Евролигата, крај во Еврокупот!

Двете најквалитетни лиги, односно натпреварувања на Стариот континент, Евролигата и Еврокупот нема да го доживеат својот крај во натпреварувачката сезона 2019/2020.

Освен тоа нема да биде прогласен шампион за оваа сезона, а изгледот на наредната останува да биде дефиниран подоцна.

На денешниот состанок, поточно видео-конференција, челните луѓе на Евролигата ги повикаа претставниците на клубовите учесници со „А“ лиценца, да се изјаснат, да го дадат својот став за иднината на ова натпреварување.

А помалку очекувано, уште на самиот почеток на состанокот, првиот човек на Евролигата, Жорди Бартомеу го изнесе својот предлог:

„Играчите се во опасност од повреди, и планот за продолжување на сезоната не може да биде спроведен поради специфичните околности“- изјави Бертомеу пред клубовите со право на глас.

Тие, односно претставниците на Барселона, Басконија, Реал Мадрид, Олимпијакос, Панатинаикос, Макаби од Тел Авив, Анадолу Ефес, Фенербахче, Армани Милано, Жалгирис, и ЦСКА од Москва го прифатија тоа, по што беше јасно дека ќе биде „свирен крај“ на сезоната.

Всушност едно очекувано решение, пред се ако се земе в предвид фактот дека два дена порано, на состанокот со Унијата на играчи во Евролигата беше децидно речено сезоната да не биде продолжена.

Очигледно е дека челниците на Евролигата го послушаа барањето на играчите и ја донесоа оваа тешка одлука. Со оглед на тоа дека оваа сезона е прекината, Евролигата одлучи во новата натпреварувачка сезона 2020/2021, право на настап да имаат сите 18. клубови од оваа сезона. А новото издание на Евролигата да стартува на 30. септември и 1. октомври, според постоечкиот формат.

По оваа одлука, многу извесно е дека ќе се раководат и некои други лиги во Европа. Пред се АБА лигата, согласно со тоа и АБА 2, но и оние кај кои имаше дилеми околу продолжението на сезоната, како шпанската, француската, германската...