13.01.2020

Нема „Куп на кралот“ за Димитријевиќ, ќе има повеќе денови за тренинг со националниот тим

По убедливот пораз во Валенсија, Хувентуд се „спушти“ под линијата, односно бројката 8, онаа последната која дава учество на завршниот турнир во Купот на Шпанија.

 

Ненад Димитријевиќ и Хувентуд нема да играат на завршниот турнир од „Купот на кралот“ во Шпанија, би се рекло на „задоволство“ на новиот селектор на нашиот сениорски национален тим, Александар Тодоров.

Пред се затоа што тоа се совпадна со неговите планови да го има на располагање младиот репрезентативец во поголем број на денови за време на подготовките пред почетокот на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2021 година.

Имено, согласно со Пропозициите на шпанската АЦБ лига, првопласираните осум екипи по 17. одиграни кола обезбедуваат пласман на завршниот турнир од „Купот на Кралот“.

А поразот во Валенсија (70:100) означи и крај на надевањата на тимот од Бадалона за пат за Малага. По 17.одиграни кола, со ефект од осум победи и девет порази, Хувентуд е на 12. место во класификацијата, или подобро кажано ја делат позицијата број 10, заедно со екипите на Басконија, Гран Канарија и Манреса.

Инаку Малага, односно салата „Мартин Карпена“ е  местото каде од 13. до 16. февруари ќе стане јасно кој ќе биде новиот освојувач на ова престижно натпреварување.  

А за 13. февруари, селекторот Тодоров го најави и првиот собир на нашиот национален тим, што индиректно би требало да значи дека ќе го има на располагање Ненад Димитријевиќ од првиот ден на подготовките за дуелите со селекциите на Естонија на 20. февруари во Скопје, односно со Русија, три дена подоцна, во Перм.  

Би се рекло идеално за плановите на Тодоров, кој очекува сериозен импакт од Димитријевиќ на квалификациските мечеви во оној „февруарски прозорец“.