27.03.2020

НЕМА ШАМПИОН ВО ВТБ ЛИГАТА: Рајковиќ и соработниците остануваат „заробени“ во Нур-Султан

До некои подобри времиња, најдобриот македонски тренер во странство за 2019 година, останува таму каде што е, во својот апартман во главниот град на Казахстан.

 

Како резултат на гласањето, преку конференциска врска, на лигата, а во врска со негативниот развој на епидемиолошката состојба со COVID-19, беше одлучено да се стави крај на сезоната на лигата, односно сезоната 2019/2020.

Во моменталната ситуација, кога границите се затворени, тимовите не се во можност да вежбаат во кошаркарските области, а клубовите се принудени да ги пуштат странските кошаркари да си одат дома, шампионатот на ВТБ не е соодветен за реализација.

Со оглед на ширењето на COVID-19 во Европа и светот, здравјето на играчите, нивното семејство, клупските работници и, секако, навивачите, се на првото место.

Го прашуваме Емил Рајковиќ, шефот на стручниот штаб на Астана, еден од учесниците во ова квалитетно натпреварување, каква е ситуацијата во главниот град на Казахстан, Нур-Султан.

„Да, лигата означи крај на натпреварувањето, за жал, гледано од оној спортски аспект. Но од друга страна, здравјето на сите учесници во лигата е на првото место, па донекаде оваа одлука е во најмала рака и очекувана“- појаснува Рајковиќ.

Сепак, најдобриот македонски тренер во странство за 2019 година останува таму каде што е, во својот апартман во Нур-Султан.

„Дома сме, сега нема враќање во Скопје. Можеби во април, во мај, не знам, Повеќе од десет дена сме во самоизолација, а тоа полека делува неподносливо. Тука сум со моето семејство. Во иста ситуација е и Сашо Тодоровски, мојот асистент во Астана, кој е со сопругата. Во Нур Султан засега останува и мојот друг соработник, Марко Величковиќ. Нешто порано, поради принова во семејството, си замина Борче Даскаловски. Значи скоро сме во комплетен состав“- појаснува најдобриот „коуч“ во ВТБ лигата, која оваа сезона нема да има шампион.

„Шампионот во лигата во сезоната 2019/20 нема да биде дефиниран, бидејќи спортскиот принцип не е исполнет. Учесниците во лигата одиграа различен број натпревари, регуларното првенство не беше завршено. Оваа сезона нема да има победник“- дополнува Рајковиќ.

Наредните денови носат голема неизвесност и во домот на Рајковиќ.

„Секако дека сакам да се вратиме дома. Да, постои начин преку кој би се вратиле дома. Но кој може да издржи државен карантин со жена, со две деца, куче? Засега сме овде, во самоизолација. Имаме услови за нормално функционирање. Но кој ни гарантира дека и овде нема да се прошири епидемијата? Некаде прочитав дека во Казахстан има околу 100 луѓе заболени од вирусот. А денеска информации дека еден од нив починал. Почнаа рестрикциите, т.е. забраните. Се затвораат оние големи објекти, остануваат да работат супермаркетите и аптеките, иако јас и Саше Тодоровски користиме половина час, што се вели, да се ‘размрдаме’. Ете, тоа се моите дневни активности во овој момент. Како понатаму, само Господ знае. Да се надеваме дека сето ова ќе помине брзо, и дека во скоро време ќе им се вратиме на своите обврски, и во некоја нормала“- порачува Емил Рајковиќ од далечниот Казахстан.

 

Во оваа сезона во ВТБ лигата, Астана одигра вкупно 18. натпревари. Победи на седум од нив, и беше блиску до место кое води во плеј-офот.

Но за тоа во некоја друга прилика...

Сега треба да се победи COVID-19.