Почетокот на оваа седмица, прва работна во новата 2023 година, означи и старт на активностите на уште една наша машка репрезентација. Онаа на играчи родени 2009 година, која ќе има голем број на обврски во наредниот период, а ќе бидат заокружени со настап на традиционалниот меѓународен турнир „Словениа Бол“ во Словењ Градец.
Во периодот од 9. до 16. јануари, тренинзите ќе се реализираат во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје.
„Откако пред крајот на новата година го реализиравме оној селективен процес, согласно со предвидениот план за работа, продолжуваме понатаму. Во наредниот период во СРЦ ‘Кале’ ќе одработиме еден своевиден зимски камп со оваа генерација на млади кошаркари. Го искористивме зимскиот распуст да направиме мини подготовки од една недела. Повикавме 25 кошаркари кои ќе имаат можност да го дадат својот максимум, а воедно овие подготовки се и последен филтер пред турнирите што следуваат во текот на оваа нова 2023 година“ – објаснува селекторот Владимир Мирковски.
Согласно со испланираниот календар, во плановите на стручниот тим во кој освен селекторот Мирковски се вклучени и Мико Голубовиќ и Оливер Тасков, се и учества на два турнири во текот на март и на мај, во Косово и во Бугарија, а кулминацијата ќе биде настапот на силниот меѓународен турнир „Словениа Бол“ во текот на месец август.