09.11.2021

„Со добра игра и атмосфера да дадеме солиден отпор и да се бориме за победите“- најавува искусното крило во нашата селекција

НЕНА ТРАЈЧЕВСКА ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА КВАЛИФИКАЦИИТЕ: „Ќе го дадеме најдоброто од себе“

Важи за една најдобрите, и најискусни наши кошаркарки, а без неа тешко дека може да се замисли играта на нашиот сениорски национален тим.

Нена Трајчевска заедно со соиграчите тргнува во уште еден квалификациски циклус во кој, како дел од групата „А“, Македонија ја чекаат шест тешки натпревари против уште посериозни противници какви што несомнено се селекциите на Германија, Босна и Херцеговина и Белгија.

Какви се нејзините размислувања во пресрет на првиот квалификациски натпревар, оној во четврток навечер против селекцијата на Германија.

„Пред сè, сакам да кажам дека оваа репрезентација има доста подмладување. Има девојки кои првпат се сениорки. Меѓутоа, што е до нас поискусните, ќе го дадеме најдоброто од себе. Работиме да ги санираме повредите, па со добра игра и атмосфера да дадеме солиден отпор и да се бориме за победите.

Германките имаат доста искусен ростер, со репрезентативки во најсилните европски натпреварувања. Добро ги анализиравме, се надевам дека ќе ги сопреме нивните силни страни и дека ќе дојдеме до посакуваниот резултат“- смета искусната кошаркарка пред утрешното тргнување на нашатата женска сениорска репрезентација за Германија.