13.02.2021

Лошите авио-конекции го пролонгираа доаѓањето на нашиот интернационалец

Ненад Димитријевиќ на полноќ во Скопје, во недела на тренинг

Со оглед на кусиот временски интервал, и рестрикциите при патување кои важат во некои европски земји, Ненад Димитријевиќ ќе им се приклучи на своите репрезентативни соиграчи многу веројатно на неделниот тренинг, планиран да се одржи во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со почеток од 15.часот.

Репрезентативниот бек ги заврши своите клупски обврски со Хувентуд во четвртокот навечер, кога беа елиминирани од „Купот на кралот“ со пораз до екипата на Басконија.

Лошите авио-конекции го пролонгираа доаѓањето на нашиот интернационалец во Скопје. Но извесно е дека ќе биде во чартер-авионот кој во понеделник изутрина полетува кон Перм.

Стојан Ѓуроски денеска игра натпревар од редовното коло на шпанската „Леб Оро“ лига на гостински терен против Ковиран Гранада. За очекување е тој да биде во Скопје во текот на утрешниот ден.

Истото се однесува и за Никола Василев. Еден од асистентите во нашиот стручен штаб треба да пристигне на скопскиот аеродром во недела напладне, и да се стави на располагање можеби и на последниот тренинг кој ќе биде одработен во Скопје пред заминувањето за Русија.