25.08.2022

„И во тешки моменти, кои ги имавме во мечот, останавме заедно и фокусирани“- потенцира творецот на првиот успех во претквалификациите

Ненад Димитријевиќ: „Одлична, тимска победа, секој од нас придонесе за неа“!

И во најавата за натпреварот со Данска во Нествед, Ненад Димитријевиќ потенцираше дека секој почеток е важен, дека е важно да се добие тој прв натпревар, во овој случај, во овие претквалификации.

На крајот, неговите очекувања се претворија во една убава реалност. Македонија ја победи Данска на гостински терен, има добар почеток на трката за првото место во групата „Д“ кое носи директен пласман во квалификациите за Евробаскетот во 2025 година.

По овие први 40.претквалификациски минути, нашиот најдобар играч на теренот потенцира неколку работи, кои освен неговата неверојатна тројка, го одлучија крајниот победник во Арената во Нествед.

„Одлична тимска работа. Секој даде свој придонес во оваа особено важна победа, која како што реков и порано, е особено значајна затоа што доаѓа на стартот на циклусот“ – вели творецот на нашиот успех во Данска.

Вториот битен момент кој го издвојува Димитријевиќ е карактерот на тимот.

„И во тешки моменти, кои ги имавме на овој натпревар, останавме заедно и фокусирани. Знаевме да одговоривме на нивната серија, останавме мирни кога требаше...“

И потоа дојде оној магичен момент. Неверојатно прецизниот обид од „преку својата половина“ кој на Македонија и донесе голема победа.

„Не знам како би го опишал. Најважно е дека топката влезе низ обрачот. Како, не знам ни јас самиот. Се обидов, погодив, победивме, тоа останува. Одиме понатаму. Во недела нè чека Словачка, ова го оставаме зад нас“ – се обидува да објасни како стигна до кошот вреден победа.

Негов 29. поен на натпреварот во кој нашата селекција иако хендикепирана ја оствари својата примарна цел – дојде до два бода на гостински терен кои значат двојно во еден квалификациски циклус составен од шест различни „приказни“.

За нас втората е веќе во недела, во СРЦ „Кале“, каде против Словачка треба да го потврдиме овој важен почетен триумф во Данска.