24.08.2022

„Данска е сериозен противник, одиме на гости, но мислам дека ќе бидеме подготвени за предизвикот“- вели нашиот организатор на играта

НЕНАД ДИМИТРИЈЕВИЌ: „Секој почеток е важен, важно е да почнеме добро“! (ВИДЕО)

Ненад Димитријевиќ ги заврши сите формалности околу преселбата од Валенсија во Казан, и макар со мало задоцнување, му се стави на располагање на новиот стручен штаб на нашата најдобра селекција, предводен од Александар Јончевски.

Зад него се некоку тренинзи во Скопје, но ако се земе в предвид за каков професионалец станува збор, извесно е дека во деновите кои следат организаторот на играта на „црвено-жолтите“ ќе ги надополни тие денови на отсуство во подготвителниот период.

Новиот играч на рускиот Уникс смета дека секој почеток на една квалификациска трка е особено важен:

„Важен е почетокот и многу ни е важно да почнеме добро. Знаеме дека Данска е сериозен противник, одиме на гости, но мислам дека ќе бидеме подготвени за предизвикот“- вели Димитријевиќ пред дуелот со Данска закажан за утревечер од 19.часот, во Нествед.

Вели дека фокусот треба да биде усмерен само кон овој натпревар, потоа ќе се размислува за оние другите, како на пример против Словачка во Скопје закажан за 28.август во СРЦ „Кале“.

„Имаме една добра група, тренираме заедно и верувам дека ќе се подготвиме добро за предизвиците. Добро сме подготвени за првиот натпревар, и мора да продолжиме по истиот пат. Тоа е, напорно да работиме и треба да имаме целосен фокус на Данска, а дури потоа на сите останати“.