30.09.2020

Eкипите на Хувентуд и Партизан, вечерва од 20.45 часот, ќе го одиграат првиот меч од новата сезона во група „А“ од Еврокупот.

Ненад Димитријевиќ за „Спорт Клуб“: „Сите добро знаеме колку Партизан е опасна екипа“!

Поранешните шампиони на Европа, екипите на Хувентуд и Партизан, вечерва од 20.45 часот во Бадалона, ќе го одиграат првиот меч од новата сезона во група „А“ од Еврокупот.  А еден од играчите кои би можеле да ја одбележат новата сезона во ова европско натпреваруивање, е македонскиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ.

Младиот бек на Хувентуд даде и опширно интервју за ТВ станицата „Спорт Клуб“ во кое ја најавува новата сезона во Еврокупот, и дуелот со „црно-белите“ од Белград.

„Се радувам на мечот со Партизан, се радувам на почетокот на Еврокупот. Во првенството веќе одигравме три меча, учествувавме и на завршниот турнир на АЦБ лигата, и колку-толку, се навикнавме да играме без публика. Навистина, вечерва ќе има одреден број на луѓе, што е навистина одлична вест. Со публика играме целиот живот, па затоа е мошне чудно да играш пред празни трибини, особено кога играш дома“- констатира Димитријевиќ.

Исклучително го цени вечерашниот противник, но вели дека неговата екипа во добро расположение го дочекува стартот на сезоната во Еврокупот.

„Задржаа многу клучни играчи од минатата сезона кога беа еден од фаворитите за освојување на Еврокупот. Имаа најдобар ефект во лигашкиот дел и предност на домашниот терен во плеј-офот. Но поради пандемијата застана се, па и европската кошарка. Го променија тренерот, но сите добро знаеме дека Партизан е опасна екипа. Ќе биде добар тест за нас и ќе биде специјален натпревар за навивачите на двата клуба. Играв против Јарамаз додека беше во Бургос, Имаше одлична сезона исто така и Урош Трифуновиќ. Одлично момче е, ми се допаѓа како игра. Секако, тука се и оние главните, Маркус Пејџ, Рашон Томас...“

Не крие Нено дека посебно место во неговата меморија има за еден играч од Партизан. Особено што истиот подоцна го облече дресот на репрезентацијата на Македонија.

„Бо Мекејлеб, го сакав... Подоцна, кога дојде во Шпанија и играв против него. Но отсекогаш за мене на местото број еден беше Милош Теодосиќ. Тој ми е пример и еден од најдобрите играчи. Го гледам и уживам. Многу научив од него додека го гледав. Неверојатен играч“- признава Македонецот во најавата за вечерашниот дуел во Бадалона.